1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобелова награда за мир за Африканката Матај

10 декември 2004

Денеска (петок) во Осло свечено ќе биде доделена Нобеловата награда за мир.

https://p.dw.com/p/Aczb

Годинава добитник, односно подобро речено добитничка е Вангари Матаи, заменик министерката за екологија на Кенија. Тоа е првата Африканка што го добива најреномираното признание во целиот свет. Андреа Шмит подготви коментар за причините, но и последиците од ваквото решение на Нобеловиот комитет.

Изненадувањето беше огромно, кога Нобеловиот комитет на 8 октомври го објави решението за носителот на годинешната награда. Исто толку голема беше меѓутоа и радоста – и тоа ширум светот. И покрај тоа многумина се прашуваа: каква врска има Нобеловата награда со екологијата? Што треба ова сега да значи за Африка и особено за жените на црниот континент?

Нобеловата награда во рацете на една Африканка е сигнал за надеж за целиот континент. Африка не е само повод за страшни вести, за згрозувачки сценарија како што се гладот и сиромаштијата, ширењето на сидата, туку во неа има и нешто што може да ужива светски углед и почит. Оваа награда е истовремено огромна поддршка за сите истомисленици на Вангари Матаи, за сите оние кои покажуваат храброст и цивилен кураж, кои се борат за заштита на човековите права, вклучувајќи ја тука и здравата околина, како темелно право на секој човек на оваа планета. Зад бурната активноста на оваа африканска жена останаа ни помалку ни повеќе туку 30 милиони ново насадени дрва. Вангари Матаи имаше храброст да му се спротистави на поранешниот кенијски претседател Даниел Арап Мои и да го сврти вниманието на јавноста врз политичкото угнетување и корупција во нејзината земја. Поради тоа повеќе пати заврши во затвор. Таа исто така, во својство на претседател на Здружението на жените од Кенија енергично се бореше за нивните права. Дури со доаѓањето на власт на опозицијата во 2002-та, таа беше избрана во новиот состав на парламентот, а новиот кенијски претседател дури ја именуваше и за заменик-министерка за животна средина.

Нобеловата награда за мир што ја добива Вангари Матаи е истовремено и израз на почит за сите африкански жени, врз кои лежи најголемиот дел од товарот на преживување. Тие произведуваат дури 80% од сите прехрамбени производи на “црниот континент“. Тие се почесто мораат да ја преземат и улогата на самохрани мајки, бидејќи нивните мажи заминуваат како работници во големите градови, каде не ретко заболуваат од сида или пак го ставаат на коцка животот одејќи во војна. Жените го носат најголемиот товар и за преживувањето на послабите во општеството, како што се децата, старите лица, болните во бегалските кампови, како и во граѓанските војни.

Организациите за развојна помош веќе со години на назад открија дека жените се подобри соработници во разните развојни проекти. Дури и Светската банка порачува: “Жените многу повеќе се ангажираат за општото добро, тие се подоверливи партнери, покооперативни и помалку подложни на мито и корупција“. Денес поддршката за жените преставува клуч за траен развој во целиот свет. А во Африка посебно важна причина за конфликти е оскудноста на природните ресурси. Борбата за обработливи површини и за извори на вода меѓу номадите и земјоделците се чини дека игра еднакво голема улога кај голем дел од проблемите, колку и етничките и религиозните причини за судирите. Со ова сознание, Вангари Матаи уште од поодамна ја почна борбата за подобра човекова околина и за подобро политичко раководство – и тоа со неисцрпна енергија и дури под закана за нејзиниот живот. Жените како неа покажуваат дека Африка како континент се бори за подобра иднина. При тоа жените имаат решавачка улога за развојот на “црниот континент“.