1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобелова награда за медицина 2004 година

14 октомври 2004

Ричард Аксел и Линда Бак успеаа до најмали детали да го опишат дејството на мирисот врз човечкиот мозок.

https://p.dw.com/p/AefW

“Носот е поблиску до нашата психа отколку окото и увото. Мирисите можат да ги отворат вратите на сеќавањата.“- вака го опиша Марсел Пруст мирисот на еден колач, кој кај него предизвика вистински наплив на сеќавања од детството. Спротивно на ова, мирисот на расипано јадење кај нас автоматски предизвикува чувство на гадење.

Ричард Аксел и Линда Бак успеаа до најмали детали да го опишат дејството на мирисот врз човечкиот мозок. Тие ја добија овогодишната Нобелова награда за медицина и физиологија за нивните откритија во областа на рецептори за мирис и организација на сетилото за мирис. Рецепторите за мирис се еден вид антени со кои ќелиите за мирис во носот ги препознаваат различните мириси.

Сензорите во носот се многу осетливи. Мирисот на портокал или пак пот се разликуваат еден од друг само по една мала молекуларна група. Секој од нив се закачува на различна антена за мирис во носот и поради тоа во мозокот оставаат различен впечаток. Човекот на пример има многу помалку приемници за мирис од глушецот, тој може да разликува околу 10.000 различни мириси. Способноста за препознавање не базира на активноста на еден единствен рецептор за мирис, туку на заедничката мустра на сите ќелии за мирис. Иако кај луѓето не постои ист распоред на приемниците во носот, во мозокот владее строг ред. Тука се сретнуваат продолжетоците на сите ќелии за мирис и се спојуваат во посебен нервен чвор. Продолжетоците на рецептори од ист тип на патот од носот кон мозокот се наоѓаат меѓу себе и се спојуваат во заеднички нервен продолжеток. Значи антените за мирис им помагаат и на нервите да го најдат вистинското место во мозокот. Ваквата необична двојна улога на приемниците за мирис, кои служат како антени и показатели ја открија 58 годишниот Ричард Аксел и 57 годишната Линда Бак од САД. Дали станува збор за пот или пак арома на рози, секој мирис предизвикува во мозокот различна комбинација на активност. Распоредените информации на мирис се интерпретираат од повисоките области во мозокот и потоа брзо се пренесуваат понатаму до центрите за сеќавање и чувство.

Уште пред 100-тина години било познато дека во носот се наоѓаат рецептори за мирис, но повеќе за овој феномен се дознало од заедничката студијата за сетилото за мирис на Аксел и Бак објавна во 1991 година. Од тогаш двајцата научници паралелно и независно еден од друг проучувале во оваа област. Тие откриле една нова голема ген-фамилија која ги гради приемниците за мирис. Освен тоа тие можеа да откријат како е организиран системот за мирис и како мозокот ги препознава мирисите.

Професорот Урбан Лендал од институтот за генетика Каролинка во Шведска вели:

“Научната работа претставува вистински пробив. Сега времето го делиме на две епохи: една пред откривањето на Аксел и Бак и една по нив. Нивната работа допринесе до промена на парадигмите и до детално проучување и опишување на едно од нашите сетила.“