Нобеловата награда за економија за Кард, Ангрист и Имбенс
11 октомври 2021Половина од Нобеловата награда за економија оди во рацете на Дејвид Кард за неговите емпириски истражувања на пазарот на работна сила, додека другата половина од наградата ја делат Џошуа Ангрист и Гидо Имбенс за нивниот придонес за анализа на каузалните врски.
Сите тројца истражувачи „ни дадоа нови сознанија за пазарот на работна сила и покажаа какви заклучоци би можеле да се извлечат за причините и ефектите од природните експерименти“, соопшти во своето образложение Шведската кралска академија за науки денеска во Стокхолм. „Нивната работа преминува и во други сфери и ги револуционализираше емпириските истражувања“, се вели натаму во образложението и се објаснува дека многу од големите прашања во науките од социјалната сфера имаат врска со причините и ефектите, како на пример - како доселувањето се одразува на платите и на нивото на вработување. Овие прашања се тешки за одговор, затоа што нема споредливи податоци. „Не знаеме што би се случило кога би имало помалку доселување“, потенцира Академијата и подвлекува дека носителите на наградата покажале дека е можно на вакви и слични прашања да се одговори со природни експерименти.
Нобеловата награда е дотирана со 10 милиони шведски круни, или отприлика 960.000 евра. Минатата недела беа објавени носителите на Нобеловите награди за медицина, физика, хемија, литература и за мир.