1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нитан: Македонија не треба вечно да чека!

Силвера Падори-Кленке25 октомври 2013

„Старите“ социјалдемократи кои се и во новиот Бундестаг, Дитмар Нитан и Јосип Јуратовиќ, за ДВ ја коментираат европската перспектива на Македонија и шансите во декември земјата да добие датум за пристапни преговори.

https://p.dw.com/p/1A5jB
Фотографија: DW

Во новиот Бундестаг што се контитуираше во вторникот (22 октомври), останаа дел од пратениците кои и во минатиот состав се фокусираа врз Македонија и Западниот Балкан. Какви се очекувањата за Македонија по Извештајот за напредокот на земјата, по случајот „Кежаровски“ и наспроти денешната средба Груевски-Филе во Брисел, за ДВ говорат социјалдемократите Дитмар Нитан и Јосип Јуратовиќ.

„Состојбата во земјата ја гледам како - непроменета. Верувам дека ќе може да се исчекори нанапред кога Грција и Кипар би сигнализирале дека повеќе нема да блокираат. Не можам да проценам дали тоа ќе се случи во декември, но имам надеж. Инаку, како што е познато, со Извештајот за напредокот на Македонија повторно се предлага отворање на пристапните преговори. Загрижуваат, меѓутоа, актуелните случувања од последниве денови и негативните оценки за слободата на информирањето“, вели за ДВ социјалдемократот Дитмар Нитан.

Неговиот партиски колега Јосип Јуратовиќ, иако признава дека последниве неколку месеци поради изборната кампања во Германија не можел интензивно да го следи текот на работите во Македонија и Западниот Балкан, подвлекува дека вниманието повторно му било вратено на овој простор со Извештајот на комесарот Филе и случувањата околу новинарот Кежаровски, како и завчерашната забрана на правото на демонстрирање на новинарите.
„Тоа се работи кои не и‘ одат во прилог на Македонија. За Европската унија и слободниот демократски свет – слободата на информирањето и независноста на оваа сфера е нешто што е основно и не може да се заобиколи. Покрај законодавната, извршната и судската власт, слободните медиуми се четвртиот столб на демократијата.Тие се, да ги наречам своевиден ‘надзорен орган’ кој бдее над демократските процеси и без нив не се може“, подвлекува за ДВ и Јосип Јуратовиќ.

Блокадите не се оправдување

За спорот со Грција околу името се’ уште нема решение. Деликатен е и билатералниот договор за соработка со Бугарија, а на денешната средба Груевски-Филе треба да стане збор за случајот Кежаровски поради кој „Репортери без граници“ побараа од Европската комисија отворањето на пристапните преговори со Македонија да се услови и со слободата на медиумите. На прашањето на ДВ - дали ова значи дека Македонија ќе мора вечно да чека пред вратата на Унијата, Нитан одговара:

Dietmar Nietan SPD Bundestagsabgeordneter
Грчката блокада не може за владата да биде оправдување за скршнувањето од реформите - Дитмар НитанФотографија: Nietan

„Не, секако дека Мекедонија не треба вечно да чека! Знаете дека сум голем поборник пристапните преговори сега конечно да се отворат. Има проблеми со Унијата, но мора да апелирам и до владата да ги продолжи реформите, зашто не може Македонија да биде една од земјите во Европа во која слободата на информирањето и на медиумите толку лошо се оценуваат. Треба итно нешто да се направи. Пресудата на новинарот Кежаровски е под голем прашалник, зашто никој не може да разбере како е до неа дојдено?! Блокадата од Грција не може да биде никакво оправдување за скршнувањето од реформите. Дали Европскиот совет во декември позитивно ќе се изјасни за Македонија - не можам да кажам. Но, извесно е дека германската влада е во фаза на составување. Можеби до тогаш ќе имаме и нов кабинет. Но, во секој случај, во декември Германија нема да може толку интензивно да се занимава со Македонија, колку што би било вообичаено во поинакви услови“, истакнува Дитмар Нитан.

„Не е до Европа, туку е до процесите во Македонија! Од самата земја зависи колку ќе чека на пристапните преговори. Сега има поинаква ситуација. Не е како пред повеќе децении кога големите светски сили на Балканот ги одредувале насоките по кои државите ќе се движат. Сега е поинаку! Во демократијата, како што се вели, народот е ковач на својата среќа и судбина. Германија може да помогне, но не може никој од надвор за Македонија да ги сработи задачите. Немаме диктатура. Народот, општеството и државата мораат самите да ги спороведат реформите“, категоричен е Јосип Јуратовиќ.

Фокусирање на реформите, а не на замореноста на ЕУ

До декемврискиот самит на шефовите на држави и влади на ЕУ (19 и 20 декември) остануваат неполни осум недели. Дали Македонија по петтата препорака навистина и ќе го добие долгоочекуваниот датум, зависи од многу фактори. Еден од нив, кој малкумина во Европа го признаваат, а кој делува од позадина, е (не)расположението за проширување кај земјите од ЕУ. Каква е де факто ситуацијата и колку решавачки за Македонија може да биде „заморот од проширувањето“?

Josip Juratovic
Јосип Јуратовиќ е оптимист - тежиштето го става на перспективите, а не на замореноста од проширувањето!Фотографија: DW

„На оваа приказна и‘ нема крај! Таканаречената ’замореност од проширувањето’ ја има кај многу политички елити во Европа, но ја нема кај комесарот Филе кој, како и порано, се залага за спроведување на реформите и незапирање на проширувањето на ЕУ. И претседателот на Комисијата Барозо, токму преку германскиот ’Ди Цајт' подвлече дека, ’на крајот од денот сака сите држави од Западниот Балкан да ги види во Европската Унија'. Значи, расположението за проширувањето не е влошено, но не е ниту подобрено. Колку кандидатите за членство подобро ги спроведат реформите, толку поубедливо ќе се претстават пред оние кои не се особено воодушевени од европското проширување. Добро сработените реформи на крајот треба да ги убедат критичарите и скептиците на проширувањето“, подвлекува Дитмар Нитан, кој се надева дека во некој нареден разговор за ДВ ќе има прилика да каже колку конечно се радува на стартот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

Јосип Јуратовиќ вели дека поради економската криза особено на југот од ЕУ, логично дека има размислувања околу тоа колку треба Унијата да се шири, и што треба да прави за да ја одбегне опасноста од нејзино дестабилизирање. Тој не сака да се занимава со скептичните гледишта, зашто, како што вели, е оптимист и за него е важна заедничката иднина. Смета дека ЕУ добро знае дека од стабилноста на Балканот и државите во него зависи и нејзината стабилност, без разлика дали тие држави се полноправни членки на европското семејство или не.

„Не би се занимавал со структурите кои се заморени од проширувањето, туку би се концентрирал на перспективите на Европа. Каде е нејзината иднина? Што е од нејзин интерес? И државите кои претендираат на членство како Македонија и другите, не треба да се фокусираат на замореноста на Унијата од проширувањето, туку треба да работат на сопствениот развој. Знам дека прашањето околу името е голем товар кој за жал се одолговлекува. Но, и покрај тоа, јас би се концентрирал на реформите кои се бараат, на поглавјата, а за името - договор ќе може да се постигне потоа“, коментира за ДВ, Јосип Јуратовиќ, пратеник на социјалдемократите во Бундестагот.