Нирнбершките процеси-65 години потоа
20 ноември 2010На 20 ноември 1945 пред Меѓународниот воен трибунал во Нирнберг почна судењето на 22 истакнати функционери од редот на национал-социјалистите. Со него беше означен почетокот на низа судски постапки против главните воени злосторници кои дејствувале во име на „Третиот Рајх“. Нирнбершките процеси не придонесоа само за расветлување на тешките злосторства на нацистите, туку влијаеја и врз развојот на меѓународното право.
Судските процеси од Нирнберг беа новост за светската јавност. За првпат во историјата, преку воспоставување меѓународен суд на правдата требаше да им се суди на предводници на еден злосторнички режим. На обвинителна клупа седеа 22 лица: членови на владата, армиски офицери, економски експерти и членови на организации поврзани со нацистичкиот режим на Хитлер. Ниту еден од нив не се произнесе за виновен.
Процес од далекусежни размери
Претставници на државите-сојузници во Втората светска војна за првпат оформија меѓународно судско тело кое требаше да одлучува за судбината на прекршителите од поразена нацистичка Германија. Судиите во Нирнберг беа назначени од владите на САД, Франција, Велика Британија и Советскиот Сојуз. Главен обвинител беше Американецот Роберт Џексон. Негов застапник беше правниот експерт Роберт Кемпнер кој уште пред почетокот на војната од Германија пребегнал во Америка:
„Откако во 1942 година почнав да се занимавам со ова прашање во Америка, тамошните колеги ме прашуваа дали ќе може да се докажат злосторствата на нацистичките челници. Јас во тоа бев стопроцентно сигурен. Кога допатував во Нирнберг, сфатив дека веројатноста да се докажат нивните прекршоци против човештвото е многу поголема.“
Првиот Нирнбершки процес против нацистичките злосторници траеше вкупно 218 денови; беа сослушани 236 сведоци; беа прегледани 5330 документи и 200000 изјави, а беа напишани и 25000 страници протокол.
Пресудите беа изречени на 30 септември и 1 октомври 1946 година: во седум случаи беше изречена казна затвор, тројца обвинети беа ослободени, а дванаесет беа осудени на смрт. По првиот Нирнбершки процес следуваа уште 12 судски постапки: против лекари, правници, воени лица и поединечни претпријатија кои исполнувале обврски кон нацистичкиот режим.
Безмилосни пресуди за обвинетите, неоспорно значење за меѓународното право
Граѓаните на Германија и нивниот став за нацистичката историја немаа никаков допир со судските процеси во Нирнберг. Пресудите беа оценети како безобѕирност на сојузничкото правосудство, па не требаше многу време за владата на новосоздадената Сојузна Република Германија, заедно со претставници од партиите и црквата да побара милост за осудените. Смртните пресуди беа преиначени во казна затвор, а некои од лицата беа и привремено пуштени на слобода. Одговорните можеа да продолжат со нивните кариери кои беа во прекин, а мнозинство од нив го задржаа и правото за барање пензија во согласност со законите за јавна администрација.
Дотогаш најголемиот судски процес на сите времиња имаше темелно значење за меѓународното право. Тој влијаеше врз составувањето на Конвенцијата за геноцид на Обединетите нации, на Конвенцијата за заштита на човековите права и други меѓународни регулативи. Дотолку повеќе, Нирнбершките процеси беа пример врз чии принципи подоцна беше оформен Меѓународниот суд за правда во Хаг. Оттогаш сите прекршоци против меѓународното право може да се казнуваат индивидуално, без оглед на кое било национално законодавство.
Автор: Корнелија Рабиц / Далибор Стајиќ
Редактор: Жана Ацеска