Нирнберг и ненаучените лекции
16 март 2019Во раскошното седиште на ВМРО-ДПМНЕ има доволно удобни фотелји и големи телевизори за да може врвот на партијата да одвои една вечер и да го погледа незаборавниот филм од 1961 година „Пресуда во Нирнберг“ (во овдешните простори беше преведен како „Нирнбершки процес“) на режисерот Стенли Крамер за да научи една лекција од крвавата глобална историја. Повозрасните се сеќаваат добро на него. До распадот на Југославија тој се емитуваше барем еднаш на 3-4 години на државаната телевизија како доказ дека злосторствата против човештвото не се забораваат и дека судската казна ги стигнува и оние кои мислеле дека се недопирливи. Филмот служи и како образец како се формираше мрежата на меѓународното право во поствоените години.
Во него не се прикажува судењето од главниот процес во кој беа обвинети Јодл, Дениц, Калтенбрунер, Геринг, Хес, Фон Рибентроп, Шпер, Кајтел и уште 16 други најсвисоки главешини на Третиот Рајх. Во „Пресуда во Нирнберг“ се прикажува еден од вкупно 13-те процеси по падот на нацизмот во кој на обвинителната клупа се четворица германски судии и обвинители. Тие се обвинети за злосторства против човештвото. Навистина, партискиот врв треба да ја погледне оваа феноменална судска драма и да ужива во глумата на Спенсер Трејси (главниот судија), Берт Ланкастер (обвиниетиот безмилосен судија од нацистичкото време Ернст Јанинг), потоа на Марлен Дитрих, Ричард Видмарк, Монтгомери Клифт... и да дознае дека одговарале и пониските ешалони на нацистичкиот режим.
Погрешни факти
Но времињата навистина се сменети. Сеќавањата за ужасите на Втората светска војна понекогаш се поттурнати настрана (видете што зборува претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, за Мусолини – кај него имало и позитивни работи: градел патишта и мостови). Па, сепак, едно скршување од приказната за човечкиот хуманизам и победата над демоните на уништувањето предизвикува голем гнев. Тајани (висок функционер на Европската народна партија) тоа го разбра само неколку часа по неговата скандалозна изјава, па мораше да се извинува и дообјаснува. Овдешниот висок член на Европската народна партија, Христијан Мицкоски, веројатно повеќе од незнаење за глобалните пораки за одговорот човештвото кон злосторствата (а можеби и поради професорската самоувереност) направи една ужасна грешка споменувајќи ги Нирнбершките процеси што го стави во катастрофална политичка ситуација – да зборува за сосема погрешни факти од историјата.
Еве го целиот цитат од она што го кажа Мицкоски во интервјуто на Сител околу процесот за 27 април: „Очекувам дека вкупната пресуда што ќе се случува во петок ќе биде над 100 години за сите тие луѓе таму. И ќе биде практично Нирнбершки процес за прв пат запаметен во поновата историја на Република Македонија. Се разбира, тоа е осветољубие и ништо друго. А од друга страна го имаме овој мафијашки пристап кога се следи лицето коешто треба да биде осудено, егзекутирано, се апси, се приведува, а основа на тоа е една службена белешка, која повеќе или помалку е симптоматична“.
Во оваа негова изјава најстрашното е целосното непознавање на историјата и на еден од клучните настани во повоената Европа. Но тој не прави само грешка, туку се обидува на тоа незнаење да му даде македонски контекст - дека Нирнбершкиот процес бил „осветољубие и ништо друго“. Фуриозната реакција на Америка, сепак кажана со некакви одмерени зборови, дека „потпалувачката реторика од страна на политичките лидери предизвикува страв и поделба, особено кога неправилно се користи за настани од минатото, како што се Нирнбершките процеси, за политички цели“, е уште еден камен во мозаикот на длабокото неразбирање на Мицкоски со политиката, интересите и проекциите на Вашингтон. Политичарите прават грешки, тоа на некој начин е и дел од нивната професија, но кога некои грешки ќе го поминат нивото на дозволеното, доаѓаат последиците.
Други колумни од авторот:
-Амбициите на Гордана Силјановска Давкова
-Македонските „бурбони“ и реставрацијата
Мицкоски прво се обиде да му држи лекции на донедаомнешниот помошник-државен секретар Вес Мичел, и во писмото-одговор посака да го третира високиот американски функционер како студент. Една голема сила знае да прости незрели однесувања на самољубиви политичари. Но ако тие грешки се повторуваат, тогаш политичарот-нарцис се сместува во поинаква графа. Мицкоски и најблиските луѓе околу него треба да разберат од каде дојде оваа гневна американска реакција. Само ако прочитаа малку од историските читанки ќе разбереа дека главниот мотор на Нирнбершките процеси беа САД; дека клучната улога во 13-те Нирнбершки процеси ја имаа американските обвинители; дека тие се одвиваа во американската окупациска зона; дека иако претседателот на првиот трибунал во Нирнберг, на кој им се судеше на Геринг и останатите, беше британски судија (четирите земји победнички има по еден член во советот на судиите), клучниот човек на судењето беше Американецот Френсис Бидл, преходно јавен обвинител на САД. Тоа е огромниот американски правен придонес во справувањето со нацизмот. И кога Мицкоски сака Нирнбершкиот процес да го асоцира со „осветољубие и ништо друго“ тоа удира во самата срж на судењето на нацистите – дека тоа било и американско „осветољубие“.
Соочување со грешките
Изјавата на германската амбасада во Скопје беше комплетно во иста насока: „Споредбата на постапките на правосудните служби на Северна Македонија со Нирнбершките процеси е несоодветна. Со тоа се минимизираат делата на нацистичките злосторниците. Одговорните лица во Северна Македонија треба да придонесат за надминување на поделбата на општеството и да водат конструктивен дијалог за иднината на земјата во правец на евроатлантските интеграции. Освен тоа, самите изјави за нирнбершките процеси се целосно неприфатливи“.
Некогаш изгледа запрепастувачки како овдешната политика не знае да извлече поуки. Дури и кога се оправдува. Па, кога ВМРО-ДПМНЕ образложувајќи дека изјавата на Мицкоски била погрешно разбрана и дека споредбата била направена во преносна смисла на зборот, зашто се однесувала на опфатот на луѓе и на драконските казни за 27 април, потврдува дека ништо не разбрала. Нема тука никаква преносна смисла на зборот околу опфатот на луѓето, ниту пак асоцијација со драконските казни. Има само една врска – незнаење и аматеризам, кои носат политички последици.
Така е и со вчерашните казни од 211 години за актерите од 27 април. Партијата има огромен проблем да се соочи со себе и да ја даде реалната оценка за крвавите настани. За многумина во општеството се чини дека е несфатливо зошто ВМРО-ДПМНЕ нема храброст да го направи тој чекор. Тоа изгледа несфатливо и за голем број на нејзините членови. Раководството, очигледно, има некои свои тајни математики кои и носат многу поголема штета отколку корист. Сега се покажува дека исклучувањето од партијата на Сашо Мијалков и Никола Тодоров, колку и да се претставува како храбар чекор, е минимален во однос на отсуството на концепт и визија. И дека прегрнувањето на популизмот нема да донесе ништо друго освен бегство кон десниот радикализам.
Оваа бесмислена и опасна изјава за Нирнбершките процеси е токму тоа – прегрнување на популизмот, прво од незнаење, а потоа со ароганција. Затоа, патетичната реакција на партијата на пресудите (а во тој контекст и на образложението на судијката Добрила Кацарска, кое уште сега го најде своето место во правните анали) нема да и донесе ништо добро на партијата, која мисли дека јавноста лесно ќе ја заборави крвавата драма пренесувана во живо на телевизијата. И уште да го причека новото писание на бегалецот од Будимпешта, во кое ќе ги охрабрува осудените стоички да ја издржат нивната казна. Затоа, клучот за врвот на ВМРО-ДПМНЕ да тргне напред е да ја направи вистинската дистанца од оние што се обидоа да извршат државен удар. И да му кажат вистинско збогум на човекот во Будимпешта, затоа што неговиот товар има преголема тежина. Тоа веројатно не е лесно да се направи. Многу полесно изгледа да се зборува за заевизам и деспотизам - вокабулар целосно преземен и ископиран од социјалдемократите кога беа во опозиција. Ако е тоа новото што треба да го купи македонската јавност, тогаш тоа е погрешна стока за продавање. Истата работа не се продава два пати. Треба да се смисли друг концепт. Обидот со Нирнберг беше ужасен, тој го урниса угледот на врвот на партијата кај партнерите од кои бараат разбирање за реториката на општа негација.