1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц: Нема напредок

ЕМФ/миа30 јули 2014

Посредникот на ОН во спорот околу името, Метју Нимиц, денеска во Грција оцени дека во разговорите со Скопје и Атина нема напредок.

https://p.dw.com/p/1CmNs
Фотографија: MIA

По средбата во Атина со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, медијаторот Метју Нимиц денеска (30.07) изјави дека нема напредок во разговорите за името. Тој, како што јавува МИА од Атина, нагласи дека дека ги пренел неговите впечатоци од средбите во Скопје и оти Венизелос го повторил ставот на Грција и побарал од него да продолжи со напорите за изнаоѓање решение. Нимиц повтори дека не дал никаков нов предлог.

„Како што знаете во минатото презентирав идеи, од кои некои се прифатени од едната страна, некои се прифатени од другата страна. Сметам дека ова е прашање кое сите сакаат да се реши. Со оглед на заедничката желба да се реши прашањето и тоа што постојат идеи кои можат да бидат основа за решение, мислам дека ова прашање може да се реши“, истакна Нимиц.

На прашањето на МИА, кога последен пат разговарал со грчкиот претседател или премиер на оваа тема, тој рече дека со Папуљас никогаш не разговарал за ова прашање.

„Тоа е сосема разбирливо, затоа што како што знам, претседателот на Грција не е инволвиран во прашањето. Со Самарас сум разговарал во минатото. Ги знам неговите ставови, сме разговарале директно, а преку разговорите со министерот за надворешни работи, имам јасна слика за ставот на премиерот“, рече Нимиц.

Тој потсети дека во ноември имаше средба со германската канцеларка Меркел на оваа тема и додаде дека е во контакт и со други влади кои се заинтересирани за ова прашање.

„Ова е прашање кое многу влади сакаат да се реши. Меркел и германската влада се во категоријата на оние кои сакаат да се решат проблемите што долго време се на маса“, рече Нимиц.

Венизелос на излегување од Министерството за надворешни работи во Атина само кусо рече дека на средбата ги повторил веќе познатите ставови на грчката влада.