1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ние, бегалците“ - Хана Аренд

15 март 2021

Денеска започнуваат Меѓународните недели против расизмот (15.-28.03.2021) По тој повод , Кица Колбе потсетува на еден есеј- значајно историско сведоштво за погубните последици на расизмот и дискриминацијата.

https://p.dw.com/p/3qdNK
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

„Очигледно никој не сака да знае дека најновата историја создаде еден нов вид луѓе – луѓе кои од нивните непријатели беа ставани во концентрациони, а од нивните пријатели во интернирни логори“, напиша  Хана Аренд (Hannah Arendt, 1906-1975) во есејот „Ние, бегалците“ ( We refugees). Нејзиниот прв текст на англиски беше објавен 1943-тата во  еврејскиот часопис Menorah Journals. Само две години беа поминале откако таа  заедно со сопругот, филозофот  Хајнрих Блихер (Heinrich Blücher, 1899-1970), емигрираше во Америка. Германската Еврејка самата ја беше доживеала ситуацијата на  бегалците. Откако во Хитлерова Германија беше кусо  vreme во затвор поради нејзината политичка дејност во кругот на ционистичкото здружение, таа 1933-тата пребега илегално преку Прага во Париз.Национал-социјалистичката власт и‘ го одзеде  германското државјанство 1937-та. Од тој миг, се‘ до 1951-та, Хана Аренд беше апатрид. По седумте години во Париз, кусо пред германската окупација на Франција, кога француските власти ги интернираа сите германски  Евреи во логор, затоа што тие  оддеднаш станаа „непријателски странци“, таа  беше затворена заедно со сопругот. Сепак им успеа да избегаат од логорот, да ја преминат границата со Шпанија, а потоа од Лисабон 1941-та ја напуштаат засекогаш Европа и да емигрираат во Америка.

Eсејот не предизвика голем интерес во американската јавност, а на германски се појави дури четири децении подоцна, 1986-тата. По бегалската криза 2015/16-тата, кога  во светот беа регистрирани 65 милиони бегалци, европската јавност повторно го откри. Тој е значајно историско сведоштво. Затоа што ја опишува  состојба на германските Евреи во Америка  во времето кога Втората светска војна уште трае и кога  бегството од Хитлерова Германија за тие што останаа повеќе не е возможно. Освен тоа, речиси најголемиот број од  германските Евреи  во Америка уште не знаат ништо за Аушвиц. И сепак, Аренд опишува слика на луѓе кои  го спасиле голиот живот, кои навидум се големи оптимисти,  но уште првата реченица  го открива нивниот расцеп. Ним не им се допаѓа кога во Америка ги нарекуваат „бегалци“, оти самите се доживуваат како „дојденци” или „преселници”. Затоа што  сакаат да веруваат дека по своја волја  емигрирале. За да почнат нов живот! Вистината е дека тие бегаа од неволја, а не од слободна волја. Во својот парадоксален, напати типичен ироничен стил, Хана Аренд потоа ја опишува сликата која германските Евреи сакаат да ја сугерираат за себе во Америка како  луѓе со голем оптимизам за нивната иднина. Во желбата што побрзо да станат други луѓе, целосно асимилирани во новиот свет, некои еврејски емигранти ја прифатиле 150% американската култура и во миг се вљубиле во американските планини, небаре ги познавале отсекогаш, истакнува таа.  Други го потиснале својот германски јазик до таа мера во потсвеста, што се чинело дека го заборавиле. Тие по една година го зборувале англискиот толку добро, небаре  им бил мајчин јазик.

Hannah Arendt im Fernsehinterview mit Günter Gaus
Хана АрендФотографија: ZDF

Многумина емигрирани Евреи под шокот на вистината за Аушвиц навистина буквално веднаш го заборавиле мајчиниот германски јазик, раскажува Аренд во едно интервју 1964-тата. Со Аушвиц небаре  се беше отворил амбисот кој не може никогаш да се надмине. Се‘ друго би можело да се објасни, но не и Аушвиц. „Аушвиц не смееше никогаш да се случи“, верува Хана Аренд. Аушвиц остави  „рани“ во прватните животи на бегалците, затоа што многу од роднините и пријателите беа таму убиени. „Ние го изгубивме домот, што значи, блискоста на секојдневниот живот“, ја опишува Хана Аренд траумата на бегалството. Иако во сиот текст ниту еднаш не се појавува поимот траума, кој дури по неколку децении станува централен поим во дискурсот за егзилот. „Ја изгубивме нашата професија, што значи, довербата дека  можеме да бидеме од полза во овој свет. Го изгубивме нашиот јазик, што значи, природноста на нашите реакции, едноставноста на гестовите, спонтаниот израз на чувствата", продолжува таа. 

Други колумни на авторката:

-Музејот „Лудвиг“ во Келн

-Македонските романописателки

-„Уметноста е капиталот на човештвото“– Јозеф Бојс

Хана Аренд само во германскиот јазик  го доживува чувството на вдоменост. Таа вдоменост другите ја нарекуваат „татковина“. Но Евреите немаат татковина, оти „расеаноста” низ светот – дијаспората - е нивната вековна животна состојба. Уште пред Хитлеровиот режим, таа дискутира интензивно за  својот еврејски идентитет со филозофот Карл Јасперс, нејзиниот професор во Хајделберг кај кого докторирала. Со Јасперс ја поврзува длабоко пријателство и по војната. Тој се обидувал да ја увери дека е  Германка, а не Еврејка. Во еден разговор  со  новинарот Гинтер Гаус  1964-тата,  таа раскажува дека дома, како дете, никогаш не го имала чуено зборот Евреин. Нејзината фамилија била целосно асимилирана во германската култура, а мајка и‘, со која останала откако рано починал татко и‘, не била религиозна. Дека е Еврејка дознала од антисемитските изрази на другите деца кон неа. „Германија е за мене мајчиниот јазик, филозофијата и поезијата“, му одговара на Јасперс. Подоцна, во преписката со теологот Гершом Шолем, исто германски Евреин, таа пишува дека за неа било несомнен факт дека е Еврејка, а тоа таа никогаш не посакала да го промени. Никогаш не се чувствувала Германка како припадност на германскиот народ. На прашањето на Гинтер Гаус што за неа останало од  Европа  што постоеше пред Хитлер, таа вели дека за неа останал само уште германскиот јазик. Секогаш имала свесно дистанца и кон францускиот, кој одлично го говорела, и кон англискиот, на кој пишувала во Америка. Според Хана Аренд  нема замена за мајчиниот јазик.

Einbürgerungsurkunde von Hannah Arendt
Фотографија: Washington D.C., The Library of Congress

Во есејот од 1943-та таа  пишува за силната желба на еврејските емигранти целосно да се прилагодат  на новата околина. Затоа што земјата која ги примила им советувала да заборават се‘ што било пред тоа. А тие заборавиле побрзо отколку што  се очекувало. За да можат уште поефикасно да заборават се‘, тие избегнувале секакво говорење за логорите и за затворите, за да не остават впечаток дека се песимисти или дека немаат доволно доверба во новата татковина. Тоа што на почетокот на есејот навидум се чини како среќна приказна, на крајот ја покажува тажната опачина. Понекогаш најоптимистичните еврејски емигранти во Америка  од очај ненадејно си го одземале животот. Тогаш  дознаваме зошто  тие не сакале да бидат нарекувани „бегалци”. Затоа што во тоа време  бегалец  било синоним за Евреин! А Евреин означува човек кој нема никакви граѓански права, освен  фактот што е човек. „Концептот на човековите права“, пишува Хана Аренд, „кој се темели на правото да постои за секое човечко суштество,  се скрши на парчиња во мигот кога тие, кои требаше да го гарантираат, првпат се сочија со луѓето на кои им беа ограбени сите  припадности и сите особености.Тие беа  само луѓе, и ништо друго.” Во системот на националните држави сите неповредиви права се покажаа како незаштитени доколку тие не беа поврзани со државјанството, истакнува Аренд.

Тоа се случи по воведувањето на расните закони со Евреите во Третиот Рајх, во Германија, но и во сите окупирани територии од германската армија или од армиите на европските национални држави кои беа сојузници со Хитлеровиот режим. Првата акција по бугарската окупација на Македонија беше одземањето на државјанството на целото население. Србите и Грците беа протерани, Македонците добија бугарско државјанство, а македонските Евреи останаа без државјанство. Ним им беа одземени сите граѓански права. Тие останаа само луѓе – без човекови права, без државјанство, без татковина. 

Studentenausweis von Hannah Arendt
Фотографија: Universitätsarchiv Heidelberg

Женевската конвенција за бегалците на ОН беше донесена дури по катастрофата на Втората светска војна. И тоа не веднаш по нејзиниот крај, кога низ урнатините на Европа уште талкаа  милиони бегалци, луѓе без татковина и без држава. Конвенцијата за бегалците беше донесена дури по крајот на последната европска војна – Граѓанската војна во Грција – која исто така остави зад себе неколку стотици илјади бегалци и протерани. Таа  војна го означуваше и почетокот на „Студената војна”, но и сознанието дека новите граници на националните држави ќе останат уште долго затворени за сите кои  ужасот на војните ги остави надвор од границите на државите во кои беа родени. Грчката граница остана за егејските бегалци затворена и по донесувањето на Конвенцијата за бегалците на ОН. Таа помогна тие да добијат само правен статус на бегалци. Затоа што претходно тие беа „ничии луѓе”,  на кои грчката држава кусо пред тоа им го одзеде државјаството и ги прогласи за „непожелни луѓе“. Конвенцијата со која се регулираше  „правниот статус на бегалците“ беше донесена  на 28-ми јули 1951-та. Тоа беше и годината во која Хана Аренд доби американско државјанство.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.