Неуспешен обид за атентат врз Ахмед Доган во преполна сала
19 јануари 2013Дваесет и пет годишниот напаѓач бил регистриран како делегат од Бургас на партискиот конгрес. Полицијата кај него освен пиштол на гас пронашла и два ножа. Енимехмедов имал криминално однесување и во минатото, а во полицијата е регистриран за дела како хулиганство, телесни повреди и грабеж.
Во моментот кога партискиот лидер Доган го започна читањето на извештајот пред партиските лидери и странските гости, на бината се качи напаѓачот вперувајќи мал црн пиштол кон главата на Доган. Во тој момент пиштолот се заглави, а Доган успеа да го оттурне напаѓачот, кој не успеа да го изврши нападот и од втор обид. Обезбедувањето и дел од гостите го соборија напаѓачот на земја, а дел од делегатите и го нападнаа со клоци и тупаници.
Лидерот на Движењето за права и слободи е прегледан од медицински екипи и е во добра здравствена состојба. Осмиот партиски конгрес е прекинат и треба да продолжи во 15 часот.
Партијата укажува на редовен вербален напад
„Не знам кој е нарачателот на нападот против лидерот на ДПС Ахмед Доган, но нема сомневање дека вистинскиот нарачател е токму јазикот на омразата, на конфронтацијата, на анти-ДСС агресијата во бугарското општество“, рече заменик-претседателот на Движењето за права и слободи Љотви Местан. Тој нагласи дека овој обид за атентат не е само врз лидерот на партијата, кој 28 години ја претставува заедничката волја на над еден милион бугарски државјани.
Тој ги повика европските и светски лидери да го гарантираат правото на политичките, етничките и религиозни групи да имаат свое присуство во политичкиот, социјалниот и културниот живот на секоја држава, па и во Бугарија.
„Од денеска Бугарија не е иста, откако пред очите на цела Бугарија се направи обид за атентат врз лидерот Ахмед Доган“, изјави Местан, додавајќи дека членовите на партијата се „сведоци на политиката на омраза, агресија и сатанизирање во Бугарија“.
Кирјаз: овој настан да ги освести популистите во регионот
За мотивите за нападот засега нема информации. Сведок на нападот беше и Емил Кирјаз од Македонија, кој на конгресот е во својство на генерален секретар на Либералната интернационала. ДПС е полноправен нејзин член.
„Седев во првиот ред до раководството на партијата. Се’ се одвиваше на неколку метри пред мене. Се’ уште не ми се верува каква лична и национална трагедија беше избегната“, вели Кирјаз во изјавата за Дојче веле.
„Шокантен обид за политичко убиство, кое отвора, сега јавно, многу прашања околу состојбите во Бугарија и правецот во кој земјата се движи. Несфатлив е пропустот на безбедносните служби и националното разузнавање. Овој настан треба да ги освести оние политички сили, оние популисти во регионот, кои веруваат дека острата конфронтација може да води кон развој и прогрес. Одговорноста е пред се’ на властите, бидејќи тие ги имаат сите средства на располагање, или барем би требало да биде така“, вели Кирјаз за Дојче веле.