1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неуспех на популистите во Италија

Бернд Ригерт
28 мај 2018

Професорот Конте не можеше повеќе. Марионетскиот премиер се откажа побрзо отколку што се мислеше, бидејќи не успеа да се справи ни со своите луѓе ниту со претседателот. Следува ли сега хаос, се прашува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/2yQvM
Italien Staatschef Mattarella will "neutrale" Regierung
Фотографија: picture-alliance/dpa/ANSA/E. Ferrari

Политичките експерти  во Италија на првата популистичка влада во четвртата по големина земја на ЕУ  ѝ  предвидоа краток животен век од една година. Дека ќе оди толку бргу и дека за само пет дена премиерот Џузепе Конте ќе се откаже, сепак претставува изненадување. Претседателот Серџо Матарела (насловна фотографија) ја повлече сопирачката бидејќи десничарско-екстремистичката партија Лега, помалиот коалициски партнер, инсистираше на евро-противник како министер за финансии. Матарела го отфрли ова лудило, особено затоа што несудениот  81-годишен министерстер за финансии, Паоло Савона, во своите збркани дела ја посочува Германија како главна причина за слабите економски резултати на Италија и го споредува еврото со окупацијата на Италија од страна на Хитлерова Германија.

Претседателот постапува смело, ја блокира популистичката влада и можеби ризикува и импичмент од страна на популистичкото мнозинство во парламентот. Матарела порача дека не можел да постапи поинаку. Тој мораше да ја спаси Италија, бидејќи предвидливо неодговорната политика на сега неуспешната популистичка коалиција можеше да ги загрози мерките за штедење и финансиската стабилност на Италија. Во исто време, претседателот може дури и да се повика на Уставот, кој експлицитно ги штити италијанските штедачи. Како причина за неговата одлука, државниот претседател, исто така, ги  посочи и нервозните реакции на финансиските пазари. Рефинансирањето на нејзините големи долгови за Италија со недели на назад станува сѐ поскапо.

Повеќе на темата:

-Популистите за првпат владеат со една голема ЕУ-држава

-Влада во Италија: Што ќе остане од шупливите повици?

-Италија го покажува трендот во Европа

Сѐ е подобро од незрела популистичка трупа

Но, што се случува сега? Хаос, уставна криза или нови избори? Бесните реакции на двете коалициски партии, движењето Пет ѕвезди и Лега, предизвикуваат стравувања од можен хаос. Лидерот на Лега, Салвини обвинува за заговор од страна на Германија и на Франција. Лидерот пет ѕвездички Ди Мајо пак смета дека ЕУ го води за рака претседателот Матарела. И двете нешта се подеднакво апсурдни, но покажуваат колку незрели се двете партии. Матарела го повика парламентот да распише нови избори. Тој во итен случај може и да го распушти. Претседателот, исто така, би можел да  назначи технократ како преоден премиер. Тој веќе денеска разговара со еден потенцијален кандидат, експерт кој претходно работел во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Од гледна точка на Европската унија, може само да се има надеж дека ситуацијата во Италија наскоро ќе се смири. Но, факт е дека  преоден премиер или нови избори се во секој случај подобри опции од една популистичка влада која со сиот арсенал ќе пука против правилата на ЕУ. Движењето Пет ѕвезди и Лега ја покажаа својата неспособност да ја водат земјата со неуспешниот маневар за именување на политична марионета за премиер. Проблемот е во тоа што повеќе од 50 насто од длабоко фрустрираните Италијанци гласаа за популистите. Ќе биде ли поинаку на нови избори?

Веројатно не. Освен ако ...  Имено зад кулисите Силвио Берлускони веќе се загрева. Стариот авантурист од конзервативниот табор може повторно да извршува јавни функции. Тој може „Форца Италија“ односно конзервативците, да ги направи повторно посилни од Лега. О да, тука се и сѐ уште владејачки социјалдемократи. Тие мора нужно да ја напуштат улогата на навреден изборен губитник и барем да бидат подготвени  да преговараат за владина коалиција со протестното движење „Пет ѕвезди“

Останува возбудливо во Италија. ЕУ во Брисел го задржува здивот, бидејќи веројатно претстои долг период на несигурност. За жал, главните проекти на ЕУ и преговорите за буџетот мора да причекаат.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија