Неочекувани посетители - дивиот свет во град
Не треба да одите во дивината за да видите лисици, ракуни или диви свињи во Германија. Овие диви животни редовно ги посетуваат поголемите и помали градови. Па така може да се случи северен елен да влезе во вашата зграда.
Така лос си влегува во канцеларија...
Ова не е почеток на лоша шега, туку секако глупава ситуација во која се најде овој лос во тесниот простор. Збунетото младо животно влезе во канцелариска зграда во Дрезден на крајот на август годинава. 800 килограми тешкото животно ја скрши стаклената врата и се заглави меѓу ѕидот и прозорецот. Таму лосот смирено чекаше неколку часа, во времето за ручек, блокирајќи го патот кон кантината.
Враќање во дивината
По петчасовна драма, полицијата и вработени во локалната Зоолошка градина го успаа младото животно со две стрелки, кои го погодија долниот дел од неговото тело. Потоа лосот беше ставен во контејнер и однесен во шумата. Веројатно животното дојде од соседна Полска. За експертите за дивината тоа можеби е знак дека овој вид животно ќе се врати во Германија.
Ракуни во бегство
Дивиот лос се’ уште е ретка глетка во германските градови и шуми. Но, многу други диви животни одлучија да влезат во човечкиот свет, за нивно сопствено добро. Ракунот, кој потекнува од Северна Америка, бил пуштен во шума во близина на Касел во 1934 година. Природата заврши работа. Денес во Германија живеат неколку стотици илјади ракуни, многу и во градските населби, како овој „фраер“ во Берлин.
Аларм од диви свињи
Не сите диви животни се добредојдени гости. Дивите свињи редовно предизвикуваат возбуда меѓу жителите на предградијата, бидејќи за неколку минути можат да ја прекопаат земјата и да предизвикаат штета на негуваните градини. Нивната бројка значително порасна во последните 20 години. Само во Берлин има 10.000 диви свињи, кои ги користат своите чувствителни муцки за наоѓање желади и плодови од бука.
Рурален егзодус
Движењето на фауната кон градовите е поради повеќе причини. Прво, човечките населби се потопли отколку дивината. Животните таму ќе најдат и храна и ќе бидат побезбедни од ловџиите. Второ, многу природни живеалишта се претворени во земјоделски пустини, кои повеќе не обезбедуваат ни храна, нути засолниште. Трето, урбаниот развој продолжува да се шири, па често човекот оди кај ѕверот, а не обратно.
Мечка со проблем
Средбата на човекот и ѕверот може, секако, да тргне наопаку и да заврши лошо. Мечката Бруно стана најпознатиот бегалец во Германија во 2006 година, кога преку Алпите дојде во Баварија. По седум недели скитање, при што уби овци, домашни зајаци и едно морско прасе, Бруно беше застрелан. Препарираното животно сега е изложено во музејот „Човек и природа“ во Минхен.