1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неопределените - клуч за пресметката меѓу Клинтон и Трамп

Нино Домазетовиќ
4 ноември 2016

За оние кои веќе одлучиле за кого ќе гласаат, одлуката на неопределените гласачи можат да биде интересно изненадување.

https://p.dw.com/p/2S5wp
US TV Debatte Trump vs Clinton
Фотографија: Reuters/L. Nicholson

„Ја гледам неа и гледам ‘екстремна безгрижност'. Го гледам него и ја гледам ‘Гица Прасица'. Ја гледам неа и гледам искуство. Го гледам него и гледам промена", вели Вирџинија Лопез Реј, сумирајќи ја нејзината дилема во обид да одлучи за кого да гласа на претстојните претседателски избори во САД.

„Безгрижноста" се однесува на начинот на кој ФБИ ја опиша Хилари Клинтон, кандидатот за претседател на САД на Демократската партија, поради нејзиното несовесно ракување со класифицирани информации за време на извршувањето на функцијата секретар на државата. „Прасица“ се однесува на начинот на кој Трамп ја  навредуваше поранешната мис за убавина, исмевајќи ја бидејќи се здебелила.

Реј е адвокат од Мајами, Флорида која работи како медијатор. Таа е емигрант од Куба и преферира помала владина администрација и е против политиката на анти абортус. Било која друга година, гласањето за републиканскиот кандидат, за неа би била лесна одлука.

Илјада и деветстотини километри на север, Брук Карпентер, учителка по англиски јазик во седмо одделение во едно предградие на Филаделфија, Пенсилванија се соочува со слична дилема.

На четирите претседателски избори на кои гласала, секој пат Карпентер гласала за репубилканскиот кандидат. Таа е христијанин-евангелист и се противи на абортусот, се залага за пониски даноци и е загрижена дека левичарска влада може да ги загрози нејзините религиски слободи.

Сепак за Брук постои и трета можност. „Во овој момент гравитирам кон Гери Џонсон кој се залага про-избор, но дали навистина сакаш да гласаш за некој кој реално нема шанси да победи?“, вели таа. „Навистина не можам да гласам за Хилари Клинтон и Доналд Трамп, претпоставувам Џонсон е мојата единствена опција, но дали е добра опција? Не мислам така, тој најверојатно нема да победи. Дали да го фрлам гласот? Не знам.“

Во десетте „неопределени држави" во кои сеуште имаат можност за победа и двајцата кандидати, Флорида со своите 29 делегатски гласови е најголемата награда што може да се освои. Пенсилванија со 20 делегатски гласови веќе почна да тежнее кон Клинтон, од минатиот месец откако беше објавено видеото во кое Трамп зборува за жените вулгарно и нападно. 

US-Wahlkampf frühe Abstimmung
Фотографија: picture alliance/dpa/E. S. Lesser

Образованите жени се клучот

Во „Клучната држава" во последните 30 години никогаш не победил кандидат на републиканците, но Трамп продолжува да одржува митинзи токму таму, надевајќи се дека има доволно незадоволни бели гласачи од работничката класа кои ќе се упатат на гласачките места и ќе му ги дадат своите гласови.

Образованите жени се една од најважните демографски групи во претседателската трка и оние во неопределените држави како Флорида и Пенсилванија веројатно ќе бидат клучни во одлучувањето на следниот претседател на САД.

Според Џон Худак од институтот Бруклингс во Вашингтон корпусот на неопределени гласачи е составен од различни луѓе.

„Тие може да бидат либерали, а може да бидат и некои кои го поддржуваат Берни Сандерс и не сакаат ниту еден од кандидатите“ велу Худак, мислејќи на сенаторот од Вермонт кој се прогласи за социјалист и изненади многумина во прелиминарната трка во Демократската партија.

„Тие може да бидат социјал-конзервативци“, продолжува Худак „кои кога го гледаат Трамп, не го гледаат видот на Републиканец каков што сакаат, а тоа уште помалку го гледаат во Хилари Клинтон".

Освен неопределените гласачи, според различни истражувања се проценува дека има од 4 до 7 проценти на гласачи кои поддржуваат трети опции како што се Џонсон од либертаријанците и Џил Штајн од Зелената партија. 

Според Сем Ванг, професор по неврологија на универзитетот Принстон и основач на Присонскиот избирачки конзорциум, кандидатите на третите партии губат поддршка како што се наближува денот на изборите.

Многумина гласачи сакајќи да протестираат против политичкиот дуопол сфаќаат дека во основа тие го фрлаат својот глас со тоа што не гласаат за еден од двајцата кандидати кои имаат вистински шанси да победат. Впрочем, вкупната поддршка за Џонсон постепено се намалуваше и од 9,2% во средината на септември сега изнесува 4,6%.

Либертаријанците гледаат дека поддршката исчезнува

Поддршката за Џонсон најмногу се намали во критичните „неопределени држави“, како Флорида и Пенсилванија, каде во моментот изнесува 2,9% односно 3,7%. Во државите каде Клинтон има поудобно водство, како Висконсин и Њу Хемпшир, поддршката за Џонсон е посилна, моментално 5,8% и 6,3% .

„Поддржувачите на Џонсон подеднакво се делат помеѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп", вели Венг.

„Доколку се водиме според податоците од минатото, поголемиот дел од тие поддржувачи на крајот ќе гласаат за Трамп или Клинтон. Затоа, за поддржувачите на Џонсон моеже да сметаме дека ќе се поделат подеднакво, како неопределените“.

Кандидатот на Зелената партија Штајн има поддршка од само 2,1% од гласачите, само две третини од поддршката која ја имаше пред три месеци. Доколку дел од нив одлучат да го дадат својот глас за некој друг, според Ванг, очигледно е каде ќе го дадат.

„Поддржувачите на Штајн доста силно тежнеат кон Хилари Клинтон", изјави тој.

Иако бројот на неопределени гласачи изгледа дека се намалува, обидот да се определи изборниот резултат врз основа на нивната одлука за кого ќе гласаат, според Худак, може да биде „многу мака за џабе".

Клинтон и Трамп се многу различни кандидати и нивните разлики се многу очигледни, дури и во политиката", вели тој „но сеуште има луѓе кои одлучуваат за кого ќе гласаат штом застанат зад параванот за гласање“.