Неонацистичка пропаганда на интернет
17 август 2014На прв поглед, линкот не укажува на можност за нешто проблематично. Зашто, она што е постирано како Јутјуб видео на Фејсбук-страницата на едно момче, носи наслов на актуелен холивудски филм. Но, зад рекламното видео за филмот „Пиратите од Карибик 5“, се крие нешто друго: наместо Холивуд, ова е провокација. Неонацистичката група „Бесмртни“ на ваков начин ги распространува нејзините етнички навредливи пораки и шири расна и национална нетрпеливост. Корисникот често премногу доцна ја открива десноекстрмната заднина на пораката. Неретко прилогот претходно веќе е натамошно препорачан со опцијата „ми се допаѓа“ и илјадници пати е препратен на други корисници.
Десноекстремистичката пропаганда на интернет во подем
Ова е само еден од многуте примери како десните екстремисти со „герила-маркетинг“ врбуваат млади луѓе преку социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер и Јутјуб, констатира Томас Кригер, претседател на Сојузната централа за политичко образование, БпБ.
„На овој начин луѓето, кои воопшто не ги симпатизираат десноекстремните идеи, стануваат несакано нивни дистрибутери“, подвлече Кригер деновиве при претставувањето на годишниот извештај „Десниот екстремизам на интернет“.
А вакви недоброволни „дистрибутери“ има се‘ повеќе. Тоа е главната порака на актуелниот извештај, издаден од Сојузната централа за политичко образование и организацијата „Заштита на младите“, "jugendschutz.net".
Социјалните медиуми и другите платформи како Фејсбук, Твитер, Тумблр и Јутјуб со своите можности за размена и препраќање на информации станаа најважно средство за пропаганда на десните екстремисти, заклучува Штефан Глазер. Заменик-раководителот на интернет-организацијата за содржини кои ги загрозуваат младите за jugendschutz.net анализира каде и како неонацистите ја распространуваат својата подбуцнувачка пропаганда и видеата со насилство.
„Над 70 проценти од спорните содржини кои ги споменавме во извештајот од вкупно 5500 примери, ги пронајдовме на Фејсбук, Твитер, Јутјуб и други платформи“.
Притоа, може да се констатираат два тренда, вели Глазер. Неонацистите своите десноекстремни пораки зачестено ги прикриваат зад фасадата на поп-култура и забава. Неонацистите на интернет избегнуваат сурови пароли и наместо нив прибегнуваат кон стилски „поатрактивно спакувани содржини“. Често за своите цели ги злоупотребуваат познатите личости и фигури, кои изговараат пароли на нацистите. Еден од примерите е Дизниевиот јунак Мики Маус со СС-мртовечка глава, кој преку повеќеилјадно препраќање преку социјалните мрежи стана неонацистичка култна фигура.
Но, како тренд во наонацистичката сцена не е карактеристично само подоброто затскривање. Организацијата jugendschutz.net констира и драстичен пораст на видеа на интернет-платформите, кои поттикнуваат на насилство и омраза.
„Се‘ почесто се појавуваат не прикриени, туку отворени пароли против муслиманите, Синтите и Ромите и хомосексуалците“, вели Штефан Глазер од Сојузната централа за политичко образование. Анонимноста на интернет ја засилува драстичноста и суровоста. Еден од примерите е краткиот филм за прогонот на христијаните, кој наводно е доказ за злоделата на муслиманите. Десничарските групи шират пропаганда преку интернет против педофилите и хомосексуалците. Со помош на Јутјуб-видеа се прикажуваат и за неколку секунди се рашируваат наводни документирани злоупотреби на жртвите.
Превенција против средствата на десните екстремисти
Подоброто камуфлирање и отворените интернет мрежи во минатата година, според наводите на jugendschutz.net, ја катапултираа нагоре бројката на недозволени содржини: лани биле регистрирани 1842 случаи на загрозување на младите. За споредба, две години претходно биле документирани околу 1000 прекршувања на Законот за заштита на младите. Сојузната министерка за семејство Мануела Швезиг, која со нејзиното министерство финансиски ја поткрепува превентивната кампања против десничарската интернет-пропаганда, вети долгорочна поддршка.
„Новата сојузна програма против десниот екстремизам, насилството и непријателството кон другите ни овозможува кон проблемот да се посветиме најмалку во наредните пет години“.
Министерството за семејство издвои околу 30 милиони евра за периодот од 2015 до 2019 година за проекти кои би требало да спречат ширење на неонацистичката пропаганда. Дел од парите ќе биде искористен за формирање т.н. демократски центри како форма на борба против десниот екстремизам. Но, сите се огласни, на прво место е превенцијата:
„Времињата се менуваат. Не ни се потребни контра-демонстрации само на улиците, туку и на интернет. Само така можеме да се спротиставиме на пропагандата на екстремната десница“, вели Томас Кригер.