1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема избори. Само гласање

21 ноември 2019

Кај нас, на 12 април, ќе ја славиме победата на корупцијата или национализмот. Некаде на Исток, некој ќе нотира уште еден пораз на Западот и штиклира чекор поблиску до целта.

https://p.dw.com/p/3TSlz
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Знаете дека падна владата во Кишинев? Некој слушнал, на многумина не им е битно. Си имаме сопствени маки за да следиме што се случиува во Молдавија. А сепак состојбите во таа земја не само што наликуваат на нашите, туку во нив може да се препознае нашата изборна година со сите нејзини премрежија. Кон што ќе се осврнеме подолу во колумната.

Внатрешни премрежија, разнишани интерни кохезии и истрошеност на понудите

До изборите ни преостануваат 143 дена на препелкања на партиите во потрагата по својот автентичен глас. Со кој сепаратно ќе се диференцираат од останатите,  а здружено ќе ги убедат гласачите дека сепак вреди да излезат на гласање. Очигледно, извесно е дека работата им е врвка и по двете прашања, но со надеж дека од јануари нештата ќе добијат нова динамика со заминувањето на Заев. Дека европскиот абортус ќе се надмине – евентуално - со членство во НАТО. Со нови реколти „бомби”, како веќе редовен декор на политички кризи и шок-ефекти врз гласачите. И на крај, да не ја изумиме и можноста за темпирани, кризни инстант-инциденти. Со кои би се покачил крвниот притисок на гласачите, за да се мотивираат на излегување во име на спас, на одбрана и заштита. 

Зависноста на партиите од надворешни стимули за покренување на состојбите од статус-кво е илустрација за внатрешните премрежија, разнишаната интерни кохезии и истрошеност на понудите. Прагмата на владеење по секоја цена, започната во време Груево и заокружено во време Заево, целосно го има избришено идеолошкиот дистинктив на ВМРО-вскиот десничарски конзервативизам на античко-македонство од СДСМ-овскиот левичарски либерализам на квази-граѓанштина. Принудувајќи ги двете партии да немушто и срамежлливо се зададат во македонско копирање на „тематскиот концепт на варијабилно албанство” на ДУИ како де факто стил на владеење по принципот на „катици за се`, мајстори за ништо”.

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Идеолошкото израмнување на сметките помеѓу овие партии, во очите на граѓаните ќе ја исцрта и новата прагматична линија на судир помеѓу групировката на корупцијата, отсликана во СДСМ и ДУИ со групировката на национализмот концентрирана во ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата. При што првата под плаштот на над-етничкото и граѓанското и со огромни суми пари ќе се обидува да корупцијата и крималот ги закитат со Милтоновската логика на прагматичност и профит. Додека пак првата под плаштот на емоциите и фобиите ќе се надева на опрост за сопствениот удел во корупцијата (ВМРО) или наивната сервилност кон измамничките партнери (Алијанса).

Проблемот на корупцијската коалиција на СДСМ и ДУИ, со се` нивните спонзори од Сорос и УСАИД, немаат никаква одржлива аргументација со која би ги убедиле граѓаните дека нивната победа ќе подразбира раскин со петната и криминалите од првата администрација на Заев. Тековната заткулисна пропаганда дека ни претстои енормно задложување со цел на купување (читај: корупција) на гласачкото тело само ја отцртува непопуларноста на СДСМ кај гласачите и неспремноста за искрен раскин со крим-корупцијата во сопствените редови. Компромитацијата на граѓанскиот концепт од страна на Заев и Шеќеринска резултира со зависност од ликови од албанскиот и не-македонскиот кампус кои веќе не можат да испорачаат доволно гласови, но затоа можат да ги условуваат со пикантерии и шурувања на штета на СДСМ, како што веќе и се случува.   

Национал-патриотизам скроен според личен профит

Нарколептичната зависност на ВМРО-ДПМНЕ од доминацијата на националистичкиот преидзборен наратив е однапред диктиран поради три фактора. Првиот, сеуште свежата меморија на граѓаните за нивните патриотски криминали како негација на националниот етос на партијата. Вториот, обидите за „заевизација” на десничарството и предизвикување поделба во ВМРО-ДПМНЕ преку ликови по мерка на власта. Третиот, доминацијата на етно-поетскиот кадар во опкружувањето на Мицкоски, кои етно-националното десничарство го користат како единствен преостанат адут за себе-промоција и отклон од социјал-конзервативниот техно-менаџерски кадар. Поедноставено, национал-патриотизам скроен според личен профит и кариера.

„Победник со победник”

Навидум комотната поставеност на ДУИ во однос на СДСМ (по колапсот на етно-албанската верушизација) и ВМРО-ДПМНЕ (по нерешителноста на Мицкоски и Села за наоѓање еволутивен модус на кохабитација) се соочува со ризикот да тековната дестилација во албанскиот опозициски кампус резултира со значајно отскокнување на Алијансата од останатите партии. Повиците на Ахмети за „обединување на албанската опозиција” се стратегија на обезбедување на контролабилни елементи диригирани за темпирано саботирање на Алијансата во пресудниот предизборен час. Солистичкиот настап на Алијансата е вистинската и персонална болка на Ахмети, како поради неминовноста од директно лидерско соочување со Села, така и поради опасноста да влезот во НАТО биде под палката на водачот на Алијансата, а не на Ахмети.  Што би подразбирало не само пораз на ДУИ, туку и неславен и понижувачки крај на политичката помпа на Ахмети. Она што иде во прилог на ДУИ е реалната можност да напуштањето на полугата на „победник со победник” низ која ја легитимираше коалицијата со Груевски, се пресврти во спасоносно решение за нивно понатамошно учество во власта и покрај победата на Алијансата. Дотолку повеќе што и покрај сите координирани етно-македонски саботирања на ДУИ, Села е далеку понепријатен партнер за СДСМ и ВМРО отколку ДУИ. Затоа, пореално е да се каже дека македонските партии сакаат да ја намалат отколку елиминираат ДУИ и со тоа обезбедат порекласиран „трговски” пристап според теркот од ривалството на ДУИ и ДПА од 2006 година. Искусната ДУИ е свесна за таа намера. За наивниот и еуфоричен Села - не сум сосема сигурен.

Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Фотографија: DW/F. Schmitz

Концептуалната понуда на избор помеѓу крим-корупцијата и етно-национализмот на следните избори ќе биде непријатна, но соодветна илустрација на аутистичната ситуација во која се наоѓа Македонија. Резигнираноста на населението веќе одамна ја има поминато црвената линија во која беседите за ЕУ или НАТО може да се сметаат за фактор за пропагандистички оптимизам во пресметките на власта или за потпалувачки револт и пизма во калкулациите на опозицијата. Во очите на граѓаните, нашата иднина во евроатлантските институции ионака се врзува за желбите или нежелбите на странските фактори. Врз кои нашите домашни политики немаат битно влијание. Во домашниот вокабулар и анкетни исповести, евроатлантските интеграции се суштински битни онолку колку што „опстојувањето врз социјалистичкото самопуравување” беше издресирана норма во секој јавен настап на крај на осумдесетите. Одговор според автоматизам и согласно политичката коректност на часот. Но како на крајот на нашиот комунизам, така и на овој крај на нашиот суверенизам, првите три точки на граѓанскиот интерес не се ниту ЕУ, ниту НАТО, ниту демократијата, туку сиромаштијата, нееднаквоста, криминалот. Оправдани се стравувањата дека ни нашите посакувани дестинации веќе не се однапред загарантиран лек за овие ендемски ни болештини. Па затоа, наместо попување, гримасење и пренемагање од страна на западните претставништва и домашните партиски калимера, вреди да се земе предвид состојбите во Молдавија како поседен предупредувачки репер за правецот во кој се движиме.

Претходни колумни од авторот: 

Еден друг Ричард

Изборна сапунијада

Реанимација на неутралноста?

Поучна порака од Молдавија

За илустрација на тие состојби доволно е да се послужиме со анализата на оваа медиумска куќа под наслов „Молдавија става крај на кусиот реформски експеримент” (DW, 15.11.2019). Според авторот, Молдавија е земја која ги има сите современи институции на владеење на правото, но има екстремни проблеми. Според него, помеѓу коалициските партнери во „неприродна коалиција” има несогласувања кој треба да биде јавниот државен обвинител. Според написот, проблематичниот момент во таа одлука беше отпорот од страна на старите клики и доминацијата на домашниот олигарх Плахотниуч. Написот наведува дека социјалистите толерираа само лимитирани реформи, диктирани од владејачката партија израсната врз протестите од 2015. година и доминирана од аматери. И на крај, големата надеж на западно-подржуваните аматерски реформисти, клептократи и криминалци заврши во пад на Владата и именување на министерот за Финансии Јон Чику за нов премиер, во сенка на претседателот Игор Додон, познат по отворената наклонетост кон Москва. Звучи веќе видено, нели.

Поучната порака од Молдавија не е наменета толку за нас граѓаните, колку за меѓународната заедница и домашната политика за последиците од а) зачестеноста на изборните циклуси, б) избори помеѓу популарни но недокажани и недоквакани ликови за реформисти в) доминацијата на старите разузнавачки клики и г) погубноста од одржување последователни избори кои не нудат реформа, но цементираат масовна заситеност од гласање во бунар. Паничниот страв на Западот од губење влијание во Македонија ја закоравува доминацијата на исти ликови, исти матрици и резултати. Поради кои јавноста се` помалку се премислува помеѓу пипците на естаблишментот а повеќе кон севкупниот естаблишмент кој се троши и рони со секој нов изборен ден.

Во Молдавија симпатиите за Москва никогаш не биле дефицитарни, но не биле ни доминатни. Се` додека тунел-визијата на ЕУ и САД во фаворизирање коруптивен клиентелизам не ја истроши и компромитира прозападната реформска определба на гласачите и обезбеди златен процент за промени во прилог на Москва. Кај нас, на 12 април, ќе ја славиме победата на корупцијата или национализмот. Некаде на Исток, некој ќе нотира уште еден пораз на Западот и штиклира чекор поблиску до целта.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач