1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема договор за парламентарните избори

БГ
18 мај 2020

Судбината на предвремените парламентарни избори останува неизвесна и по денешната, втора, лидерска средба во последнава недела. Заев најавува избори на 21 јуни, Мицкоски бара гласање наесен.

https://p.dw.com/p/3cQZQ
Nord-Mazedonien Skopje | Treffen der Parteiführer bei dem Präsidenten Stevo Pendarovski
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Ниту вториот состанок на лидерите на водечките политички партии во земјава кај претседателот Стево Пендаровски не донесе напредок или приближување на ставовите во однос на одржувањето на изборите. Првично закажани за 12 април, изборите беа одложени поради пандемијата на коронавирусот. Владејачката СДСМ смета дека во текот на јуни се отвора можност да се организираат изборите, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира тие да се одржат подоцна- кон крајот на летото или почетокот на есента. По денешната лидерска средба Зоран Заев и Христијан Мицкоски наместо со договор, излегоа со меѓусебни обвинувања.
Според Заев, состојбата е јасна: доколку нема договор за одржување на изборите, по завршувањето на актуелната вонредна состојба на 30 мај, треба да се продолжи со организација на изборите и тие да се одржат на 21 јуни. Заев одби да каже дали ќе инсистира на гласање дури и доколку опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не излегува на изборите. Тој е убеден дека сите барања на опозицијата се исполнети, вклучително и оние од минатата лидерска средба по која се побараа извештаи од Комисијата за заразни болести, од Државната изборна комисија и од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Заев вели дека сите три извештаи потврдиле дека избори може да се организираат.
„Неодговорноста, незрелоста и мислењето само на партиската фотелја на Мицкоски не доведе до тоа да нема договор со консензус. Не сум видел политичар со ваков страв од сопствените граѓани. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да се одлговлекува здравствената и економска криза и да се креира нова политичка криза. Ние тоа нема да го дозволиме“, рече Заев. 

- Повеќе на темата: Во психоделичниот вител  

Од друга страна, Мицкоски ги предлага 23-ти и 30-ти август и 13-ти септември. Тогаш, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, здравјето на граѓаните ќе биде најмалку доведено во ризик од пандемијата. Мицкоски рече дека е разочаран од извештајот на Комисијата за заразни болести, додека од извештајот на ДИК утврдил дека на оваа институција ќе и бидат потребни од 35 до 50 дена за да организира избори.
„Имајќи го сето ова во предвид, но имајќи ги и консултациите кои што ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме ги правеше со експерти од земјава и од странство предложивме три термина кога цениме дека здравјето на граѓаните ќе биде најмалку доведено под опасност бидејќи тоа е првата константа која што за сите нас е важна“, рече Мицкоски. 

- Повеќе на темата: Изборите меѓу чекан и наковална 

Лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека е потребен консензус за одржување на изборите „имајќи го предвид здравјето на граѓаните“.
„Свесни сме дека сме без Собрание и со техничка влада. Многу е важно да не се политизира оваа ситуација за политички цели“, рече Ахмети по лидерската средба.
Двете помали партии на Албанците, Беса и ДПА поддржуваат избори во јуни, додека од Алијансата на Албанците бараат избори на крајот на јули.