1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Урсула фон дер Лајен: Целосна забрана за увоз на руска нафта

ЖА
4 мај 2022

Во својот шести пакет економски санкции против Русија, Европската комисија предлага целосно нафтено ембарго до крајот на годината и исклучување на најголемата руска банка, Сбербанк од SWIFT

https://p.dw.com/p/4Ao41
EU-Parlament - Ursula von der Leyen
Фотографија: Jean-Francois Badias/AP Photo/picture alliance

ЕУ планира до крајот на годината да стане целосно независна од руската нафта, бензин и дизел. Со преоден период од шест месеци, се планира целосно  запирање на  увозот на руска нафта во ЕУ,  изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур. До крајот на годината ембаргото ќе ги опфати и сите нафтени деривати, целосниот увоз кој се одвива преку морски пат и преку нафтоводите. 

„На овој начин го максимираме притисокот врз  Русија,  но и се трудиме да ги минимизираме  колатералните штети  за нас и нашите партнери. Зашто, за да ѝ помогнеме на Украина, нашата економија мора да остане јака.“ Фон дер Лајен призна дека планираното ембарго за руска нафта од некои земји-членки ќе бара исклучителни напори, зашто во голема мерка зависат од руската нафта. 27-те членки на ЕУ треба да дадат соглласност за предлогот, а Унгарија веќе сигнализираше свое спротиставување.

Урсула фон дер Лајен истовремено најави исклучување на повеќе руски банки, меѓу кои и најголемата, Сбербанк од системот за платежен промет SWIFT. ЕУ има намера со своите казнени мерки да ѝ ја одземе можноста за диверзификација и модернизација на  руската економија.

Како мерка против ширењето на руска пропаганда, планирано е одземање на лиценцата за емитување програма во Европската унија на три руски државни медиуми.

Новиот пакет санкции го заокружува и проширувањето на кругот и обемот санкции насочени кон одделни личности, во прв ред припадници на руската војска, на кои им се припишува одговорност за злосторствата и свирепостите против цивилното населние во завојуваните региони во Украина, посебно во Буча.

„Сакаме Украина да победи во оваа војна“, истакна фон дер Лајен, што подразбира и пружање финансиска помош. За одржување на државните функции, земјата моментно има потреба од пет милијарди евра месечно, а според проценките, за обнова на Украина ќе бидат потребни повеќе стотици милијарди евра. ЕУ и во тој поглед гледа своја посебна одговорност, на крајот на овој пат стои и целта – членство на Украина во Европската унија, изјава од Урсула фон дер Лајен, која европратениците ја поздравија со громогласен аплауз