1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Нема гето-пензија за македонските Роми

ЕМФ / juris.de; афп
22 мај 2019

Судот во Берлин донесе одлука дека на Ромите од Србија и Северна Македонија не им следува т.н. гето-пензија. Пресудата сѐ уште не е правосилна.

https://p.dw.com/p/3Irne
Deutsche Rentenversicherung Wilmersdorf Berlin Deutschland
Германскиот пензиски фонд го отфрли барањето на Ромката за гето-пензијаФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Schoening

Според историското вештачење, во времето на нацистичката окупација во Србија и Македонија немало гета за Роми, ја образложи судот својата пресуда, која ќе биде применета за сите слични случаи. Поради тоа, на тужителката од Србија, родена 1934 година, не ѝ следува старосна пензија од Пензискиот фонд на Германија, пресуди судот.

Тужителката во својата тужба, поднесена во 2015 година, навела дека во време на нацистичката власт, во периодот од 1941 година до септември 1944 година, таа престојувала принудно во Смедеревска Паланка, Србија.Таму била под надзор на германската војска, а контакт со остатокот на населението ѝ бил забранет. Иако сѐ уште била дете, работела на нива и чувала стока, а во замена за тоа добивала храна. Дури по повлекувањето на германската војска смеела да се врати во своето родно место. Нејзиното барање за пензија беше одбиено од германскиот пензиски фонд во 2016 година, со образложение дека не извршувала работа во тек на принуден престој во гето и дека нема сознанија за постоење гета за Синти и Роми во Србија во тоа време.

Повеќе: Митови и факти за германските пензии

Поради тоа тужителката покрена тужба пред судот во Берлин во јануари 2017 година. Судот по усната расправа и испрашување на двајца вештаци историчари, ја отфрли тужбата. Според судот, за да се добие старосна пензија би требало да се исполни условот - пет години работа во времето на војната за што се плаќале навистина придонеси, или работа за која не се плаќале придонеси, но за која се смета дека се плаќале, како што е во случајот со работа на прогонети лица во гето. „Гето“ во смисла на законот за гето-пензии (ЗРБГ) е поим дефиниран со елементите - сепарација, концентрација и интернирање на одредени етнички групи. Судот смета дека Ромите во Србија и Македонија во времето на нацистичката окупација не живееле во гето, односно уште пред војната постоечките сиромашни населби на Ромите по почетокот на нацистичката власт не се претвориле во гето во смисла на законот за гето-пензии.

Пресудата сѐ уште не е правосилна, односно тужителката има право на жалба пред повисока судска инстанца.