Нелегалниот даунлоуд на музика - на нишан
26 април 2011Музиката е составен дел од нејзиниот живот, а нелегалното даунлодирање на песни во интернет, исто така. Затоа таа сака нејзиниот идентитет да не се открива. На најомилената интернет берза за размена на музика таа си даунлодира некои актуелни песни, како оваа од Кејти Пери...
... без грижа на совеста, без чувство дека со тоа извршува кривично дело.
Може ли навистина тоа секогаш да и` проаѓа? „Немам вистински страв дека ќе бидам откриена, зашто навистина правам релативно малку. Мислам дека властите не се многу заинтересирани за мене, зашто јас во сето ова сум, помалку или повеќе, ситна риба. Тоа им се исплатува веројатно кај оние кои секојдневно масовно даунлодираат музика и згора на тоа филмови, и затоа не сум загрижена.“
По налог на музичката индустрија во лов на интернет
Во Хамбург, во незабележлива зграда се наоѓаат канцелариите на „Промедиа“, здружението за заштита на интелектуалната сопственост. Таму сакаат да му стават крај на нелегалното даунлодирање. И вработените во „Промедиа“ сакаат да останат анонимни, зашто тие ловат интернет корисници со криминална енергија и тоа ги прави неомилени. По налог на музичката индустрија, тие се постојано во потрага по таквите интернет корисници во глобалната мрежа. Ги има вкупно 35 луѓе, а само нивниот шеф Франк Линген е подготвен да говори пред микрофонот: „Сите луѓе кои сурфаат на интернет не излегуваат од таму без да остават траги зад себе, кои можат да се пронајдат насекаде. Се остават бројки, податоци, секаде каде што се клика се остава некаква трага и ние ги бараме таквите траги и во соодветните интернет берзи за размена на музика или филмови.“
На нишан „големите риби“
Во фокусот на истражителите се пред се’ актуелните хитови, кои добро се продаваат на интернет, и тоа пред се` корисниците кои таквата музика ја поставуваат за бесплатно даунлодирање. Ним им се заканува парична казна од повеќе илјади евра. Работата на истражителите од „Промедиа“ носи плодови. Нелегалното симнување песни преку интернет во Германија опадна за 20 до 30 проценти. „Мислам дека масовно се прошири информацијата дека ние во Германија жестоко постапуваме против тоа, дека музичката индустрија повеќе не го дозволува тоа и дека постапуваме остро против корисниците, кои нудат музика за бесплатно даунлодирање.“
На нашата соговорничка во меѓувреме уште еднаш и` пројде обидот бесплатно да даунлодира неколку песни. „Мала риба“ која е релативно неинтересна за истражителите. Таа ќе продолжи да го прави тоа, се разбира под услов и натаму да наоѓа понудувачи, кои се` уште не се пронајдени, казнети и протерани од глобалната мрежа.
Автор: Милтиадес Арсенопулос/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска