1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесна безбедност по 2014 во Авганистан

Габриел Домингез/ Жана Ацеска5 април 2014

Расте загриженоста дека Авганистан, по комплетното повлекување на американските трупи, може да потоне во анархија и хаос. Кои фактори ќе ја одредуваат безбедносната состојба по 2014. година?

https://p.dw.com/p/1Bbs5
Фотографија: DW/H. Hashami

2014. е судбоносна година за Авганистан. По речиси 12 години, по неколку месеци завршува мисијата на меѓународните трупи. САД стравуваат дека во периодот потоа ќе дојде до влошување на состојбата. Затоа, Вашингтон се труди со сите сили да склучи договор за безбедносната состојба со авганистанската влада. Со него, во Авганистан би можеле да останат околу 10 илјади војници од САД и од другите држави, членки на НАТО.

Лоја Џирга, најголемиот племенски совет во кој припаѓаат 2500 племенски водачи и најстарите луѓе, даде согласност за плановите. Но, авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, кој е на заминување од функцијата, досега ја избегнува темата и очигледно сака да му ја препушти на својот наследник. Притоа, прашање е каков ќе биде ставот на претседателските кандидати кон странските трупи во земјата- дали ќе постои помала критичност кон нив.

Меѓународни закани

Во Вашингтон владее голем бес поради непопустливиот став на Карзаи. Американскиот претседател Барак Обама се заканува со комплетно повлекување на трупите до крајот на 2014. година, доколку Договорот за безбедност не биде потпишан. Но, последиците за Авганистан би биле уште потешки ако САД ја запрат славината за пари. Според проценките, авганистанските сили за безбедност чинат четири милијарди долари годишно, а најголем дел од парите стигнува од Вашингтон.

Karzai und Obama
Хамид Карзаи и Барак ОбамаФотографија: picture-alliance/dpa

И НАТО врши притисок. Генералниот секретар Андерс Фог Расмусен најави повлекување и на значителен дел од трупите на Алијансата до крајот на декември, ако Договорот остане непотпишан.

Сомнеж во способноста на полицијата

Независно од малите напредоци во областа на социјалата, политиката и економијата, претседателот Хамид Карзаи земјата ја остава во состојба во која безбедноста останува проблематична, како и претходно. Според податоци на ОН, бројот убиени цивили во 2013. година во однос на претходната е зголемен за 14 проценти. Авганистанските безбедносни сили генерално напредуваат во борбата против талибанците, но експертите се сомневаат дали војската и полицијата, без меѓународна помош, ќе бидат способни да се грижат за сигурноста во целата држава.

Војската сѐ уште е соочена со проблеми во сопствените редови: злоупотреба на дроги, неписменост и дезертерство.

„Оваа полиција треба да контролира еден од светски најпроблематичните региони. Ако се земе целината, катастрофалниот исход е веќе програмиран, иако Американците и нивните партнери се обидуваат да ја разубават ситуацијата“, вели Михаел Кугелман, експерт за јужна Азија во Меѓународниот центар Вудроу Вилсон во Вашингтон.

Kadetten der afghanische Nationalpolizei
Авганистански полицајциФотографија: Getty Images/Afp/Noorullah Shirzada

Талибанците и Ал Каеда

Најголемата закана за безбедноста во Авганистан и натаму остануваат талибанците. По намалување или целосно повлекување на меѓународните трупи, според проценките на Кугелман, талибанците можат да извршат притисок врз владата со цел да постигнат политичко влијание. Но, уште поверојатно е талибанците, со помош на сојузничките групи, да се обидат да ја соборат авганистанската влада.

Натамошен безбедносен ризик претставува Ал Каеда. Навистина, терористичката мрежа во Авганистан е заслабена, но и натаму е присутна. Ал Каеда посебно е силна во соседниот Пакистан.

„Доколку се влошува безбедносната состојба во Авганистан, уште повеќе ако авганистанските талибанци успеат повторно да дојдат на власт, ќе мора да стравуваме од воскреснување на Ал Каеда“, вели Кугелман.

Кристијан Берг Харпвикен, директор на Институтот за истражување на мирот во Осло, укажува на тоа што бескомромисното постапување на меѓународните трупи остави печат врз нова генерација на помлади, радикални борци. Овие талибанци во меѓувреме стигнаа до раководните позиции на средно ниво.

Afghanistan Taliban Kämpfer Waffe
Талибанците и натаму се опасностФотографија: T.White/AFP/Getty Images

Решавачки избори

Претседателските избори се решавачки за идниот курс на талибанците, смета Кугелман. Само ако изборите протечат според законот, слободно и фер, авганистанскиот народ во својата нова влада ќе гледа подобра алтернатива наспрема на талибанците. Освен тоа, идната влада треба да ги убеди Авганистанците во поефективна работа и помала корумпираност од претходниците.

„Ако мнозинството Авганистанци имаат позитивно мислење за својата влада, на бунтовниците ќе им биде тешко да регрутираат членство, што во целина ќе ги ослаби“.

Напротив, неуспешни избори, според експертите, ќе предизвикаат поголем премин на борци кон редовите на талибанците. Доколку пак и меѓународната заедница се дистанцира од Авганистан, постои опасност од уништување на сите успеси кои се постигнати во изминатите 12 години.