Незапаметено снежно невреме во САД
20 ноември 2014Државите на североистокот на САД се подготвуваат за нов снежен бран, откако претходниот веќе затрупа поголем дел од земјата и предизвика хаос во сообраќајот и смрт на најмалку седум лица.
Ништо веќе не се движи во и околу Бафало, град во сојузната држава Њујорк. Градоначалникот Бајрон Браун вели дека ова се најголемите врнежи на снег во последните 40 години. Најголемиот дел од граѓаните се затворени во своите домови. Стотици возачи останаа заробени во своите автомобили поради снежната олуја, сѐ додека не беа извлечени од страна на спасувачките служби.
Автопатот 90, еден од најважните коловози на источниот брег на САД, е затворен на неодредено време во должина од 200 километри. Надлежните тврдат дека се очекуваат дополнителни наноси од околу два метри снег. Службите за чистење на патиштата се во постојан ангажман, но нивната работа е најчесто залудна.
Полицијата ги предупреди жителите, особено постарите, да не ги напуштаат своите домови, но ни таму не е најсигурно. Под тежината на снежната покривка паѓаат и покривите на некои куќи.
Метеоролозите велат дека снегот ја прекрива земјата со брзина од 13 сантиметри на час. Прогнозите се дека денеска и утре се очекува нова олуја која особено ќе го зафати регионот околу Големите езера на североистокот на земјата.
Во вторникот, температурите во сите 50 американски сојузни држави паднаа под нулата. Според метеоролозите, тоа бил најстудениот ден во ноември од 1976 година досега. Вообичаено, толку ниски температури во делови од САД се очекуваат во јануари и февруари.