Невозможната мисија на Меј во Брисел
30 јануари 2019По гласањето во британскиот Долен дом ништо не се промени во однос на дотогашната ситуација. Нема мнозинство за ниту една од можните опции како да се дојде до Брегзит. Знаеме само дека не сакаат излез од ЕУ без договор со Унијата. Како мислат да дојдат до договор кога истите тие го одбија пред само една недела, парламентарците не кажуваат. Долниот дом не можеше да се договори ни за продолжување на рокот за преговарање, евентуални нови избори, втор референдум или целосно откажување од процесот на Брегзит. Единственото за што парламентот можеше да постигне согласност е налогот за премиерката во рок од 14 дена со Унијата да го испреговара наново договорот за истапување од ЕУ.
Меј во нов круг преговори
Проклетиот „Бекстоп“, односно гаранцијата дека меѓу Република Ирска и Северна Ирска која припаѓа во Обединетото Кралство, никогаш веќе нема да има цврсти граници со царински контроли, треба да се отстрани. Тоа е целта на британската премиерка. Во моментов секако е невозможно тоа да се постигне. ЕУ, но и францускиот претседател, а и германската канцеларка сѐ уште се со единствен став дека веќе не може да се преговара. Прашањето со границите, како што се вели, е регулирано и затворено. Почнува војна на нервите. Кој прв ќе попушти? Сега веќе сѐ зависи од владата во Ирска. Таа сака по секоја цена да спречи цврста граница кон Ирска, за да не се загрози мирот во регионот. Ако Ирска и ЕУ останат на својот став, тоа ќе доведе до истапување од Унијата без договор со Обединетото Кралство и со тоа ќе се дојде автоматски до граница. Во таква ситуација Меј би можела да игра на картата Ирците во последен момент да попуштат, за да придонесат за помек „Бекстоп”. Таа и онака нема што да загуби во покерот околу Брегзитот.
Надежите се топат
ЕУ, пак, повеќе се надева дека Британците ќе ги загубат нервите поради Брегзитот кој сѐ повеќе се приближува и во последен момент ќе побараат ново продолжување на преговорите - за неколку недели, а можеби и месеци. Ова би имало предност, бидејќи нема да настане материјална штета и Британците ќе добијат на време да размислат за некаков соодветент план Б за спроведување на Брегзит.
Во Брисел останува надежта дека Брегзит сѐ уште може да се изменаџира, но таа сѐ повеќе се намалува. Пратениците во Европскиот парламент и ЕУ-дипломатите се веќе уморни од Брегзит-драмата. Во моментов не би се кладел дека Британиците ќе истапат од ЕУ на 29 март. Одложување, добивање на време, чекање. Тоа во моментов е единствената тактика на ЕУ.