1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повик: Скопје и Тирана да почнат пристапни преговори

25 април 2019

Во петицијата на 85 граѓански организации од регионот се изразува очекување дека Советот на ЕУ во јуни 2019 година ќе ги исполни ветувањата за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија

https://p.dw.com/p/3HNnj
Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Фотографија: Imago

Повеќе од 80 невладини организации од Западен Балкан упатиле петиција до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во која повикуваат Европскиот совет да не го одложува почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.

Во петицијата, како што пренесува новинската агенција „Бета“, била изразена загриженост дека одложувањето би можело негативно да влијае на проевропскиот став на жителите на целиот регион, на кредибилитетот на Европската Унија, но и да ги обесхрабри политичките елити во регионот за решавање на други важни билатерални спорови.

„Организациите на цивилното општество на Западен Балкан изразуваат надеж и очекување дека Европскиот совет ќе ги исполни ветувањата за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија во јуни 2019 година, како што стои во Заклучоците на Советот за проширување и стабилизација во процесот на придружување, усвоен на 26 јуни 2018 година“, се наведува во петицијата.

Преспанскиот договор како модел

Граѓанските организации во петицијата потенцираат дека добрососедските односи се едни од клучните фактори за консолидација на Западниот Балкан и неговата побрза интеграција во ЕУ.

EU-Kommisar Johannes Hahn mit  mazedonischem Ministerpräsidenten Zoran Zaev

„Високо ги цениме храброста и упорноста на лидерите на Северна Македонија и на Грција и моделот за решавање на отворените билатерални прашања што тие го поставија. Веруваме дека тоа ќе придонесе кон решавањето и на други спорови во регионот и дека ќе донесе стабилност и европска иднина за сите нас“, се наведува во петицијата.

Повеќе:

-Што значи „европска Македонија“?

-„ЕУ мора брзо да започне преговори со Северна Македонија“

-Хан е за почеток на подготвителна фаза за преговори со Северна Македонија

Таа била потпишана од 85 невладини организации, меѓу кои Европското движење во Србија, во Црна Гора и во Северна Македонија, Фондацијата Отворено општетство од Србија и Албанија, Иницијативата на младите за човекови права од Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Белградскиот центар за човекови права, Белградскиот центар за безбедносна политика, Центарот за европска политика. Меѓу потписниците на петицијата биле и 12 личности од регионот, меѓу кои политикологот Иван Вејвода, дипломатот и поранешен генерален секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ, поранешната директорка на Канцеларијата на Владата на Србија за европска интеграција Милица Делевиќ, поранешната шефица на хрватската дипломатија Весна Пусиќ, уредници на медиуми, и други.

Пат поплочен со реформи

Што се однесува до напредокот на Северна Македонија, важна улога на нејзиниот пат кон ЕУ ќе има и оценката за стандардите на изборниот процес. По првиот круг од претседателските избори, портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич, истакна дека според извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР „фундаменталните слободи на здружување и изразување биле почитувани и дека генералната оценка за нив е позитивна“.

„Останува потребно да се финализираат претходно започнатите реформи на изборното законодавство“, рече Коцијанчич.

Nord-Mazedonien Skopje Präsidentschaftswahl
Фотографија: picture-alliance/AA/H. Gina

ЕУ ги повика граѓаните на Северна Македонија да го искористат своето гласачко право и во вториот круг на 5-ти мај масовно да излезат на гласање, и испрати порака до „сите страни да ги обезбедат потребните услови за кредибилен и транспарентен изборен процес и општа политичка стабилност“.

Интеграцијата во ЕУ е редовна тема во изборната кампања. Кандидатот на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, порачува дека масовното гласање во вториот круг значи поддршка на концептот за НАТО и ЕУ.

„На 5-ти мај битно е да излеземе масовно на избори, зашто најбитен е концептот кој го поддржуваме јас, премиерот и владејачката структура, затоа што ја води државата во НАТО и во ЕУ. Иако 30 години сите генерации на етникуми кои живеат во земјава сакаа да ја видат земјава во НАТО, и ЕУ, оваа генерација може да го оствари тој сон. Само овој концепт, ако добие ваша поддршка на 5-ти мај, ја носи Македонија во друштвото на развиени земји“, повикува Пендаровски.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Гордана Сиљановска Давкова порачува дека „во ЕУ се оди и се добива датум за преговори само со беспоштедна битка со корупцијата и криминалот, со непотизмот, само и само на крилјата на владеење на правото“.

„Во таква демократија корист ќе имаат и младите и возрасните и сите кои се за Македонија како европско место за живеење“, вели таа.