1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стартува бесплатниот роаминг, но не се опуштајте

ДТЗ
1 јули 2021

Интернетот сепак ќе биде ограничен, поради што граѓаните треба да внимаваат и да не поминуваат премногу време во сурфање на плажа.

https://p.dw.com/p/3vq1q
Frau mit Smartphone
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow

Од денеска стартува долго најавуваното укинување на роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Со тоа ќе се заокружи примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу шесте држави од Западен Балкан. Граѓаните тарифата за роаминг за телефонски повици и смс пораки ќе ја плаќаат како да се дома. Но, тие не треба да се опуштаат премногу. Интернетот сепак ќе биде ограничен, поради што треба да внимаваат и да не поминуваат премногу време во сурфање на плажа, оти постои можност да се изненадат од дополнителни трошоци на нивните сметки по враќањето од годишните одмори.

Ограничен интернет

Првата фаза од спроведувањето на договорот почна во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена и за над 80 проценти, а од денеска стартува втората фаза и целосно укинување на роамингот. Тоа значи дека корисниците на роаминг-услугите во земјава нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг-услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји потписнички на Спогодба, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар, односно без дополнителен надомест за корисникот.

-повеќе на темата: Збогум на роамингот во ЕУ!

„Но, за да нема недоразбирања, ќе има ограничен интернет“, објаснува во изјава за медиумите првиот човек на Агенцијата за електронски комуникации, Јетон Акики.

Од АЕК велат дека доколку корисникот користи 1 гигабајт интернет за една недела во земјава, а за една недела во регионот потроши 5 гигабајти, тогаш операторот ќе му испрати смс порака дека интернетот ќе прекине или ќе биде ограничен.

Заблуда

Од АЕК објаснуваат дека бесплатниот роаминг не значи целосно бесплатен интернет и ги советуваат граѓаните да внимаваат да не дојдат во заблуда. „На пример, имате пакет со 10 гигабајти интернет и го трошите за четири недели. Ако одите на седумдневен одмор во регионот, операторот очекува од вас да потрошите 2,5 гигабајти за една недела, односно една четвртина. Ако имате пакет со 10 гигабајти и потрошите 100 гигабајти, таа разлика ќе ја платите. Затоа, не се опуштајте со интернетот додека сте на плажа, затоа што бесплатниот роаминг не значи и целосно бесплатен интернет“, вели Игор Бојаџиев, советникот за радиокомуникации на директорот во АЕК, во разговор со ММС.

-повеќе на темата: Укинување на роамингот? Се вчитува...

Министерот за информатичко општество Јетон Шаќири објаснува дека договорот со операторите треба да се почитува и доколку на граѓаните им дојдат високи сметки, тогаш ќе треба да ја известат Агенцијата за електронски комуникации. „Роаминг тарифата е кога наши граѓани се наоѓаат во друга држава и користат услуги од телекомуникациите. Предизвик ќе биде бидејќи бариерите и укинување на ограничувањата додека да се потврдиме во првиот месец, потоа во вториот месец ќе ни биде полесно за комуницирање“, вели Шаќири. Обиди за укинување на роамингот има и за други земји како Бугарија и Грција.