1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е доволно само да се каже „Сакам да бидам канцелар“

Торстен Ландсберг
16 септември 2017

На политичарите во актуелната изборна кампања за Бундестаг им недостигаат визии и храброст за промени, смета Томас Клише, професор по политичка психологија. Од тоа можат да профитираат „политичките модели“.

https://p.dw.com/p/2jtf8
Deutschland historische Wahlplakate Willy Brandt 1972
Фотографија: Imago

ДВ: Меѓу политичарите во историјата има такви кои претставуваат витински пример, како Вили Брант. По што се разликуваат политичари од ваков формат од денешните политичари?

Томас Клише: Вили Брант предничеше во промени. Канцеларскиот кандидат Мартин Шулц и канцеларката Ангела Меркел, напротив, се залагаат за следење на постојна линија, отсликувајќи ја на тој начин заслепеноста на мнозинството во желбата да ја зачуваат својата спокојност и да добијат малку поголема благосостојба. Во основа, се врши деполитизација на политичките идеи.

Овие две водечки личности се пример за пост-демократија. Луѓето кои ги доживуваме како историски големи личности, секогаш претставуваа и отелотворување на некоја голема идеја, некој проект: Брант, Мандела, Палме, Рузвелт, Линколн, сите тие беа луѓе чија заложба беше напредок во човечноста, посредуваа одреден начин на живот. Без поседување ваква идеја, доблеста, индивидуалната доверливост и смиреноста служат само како преодни решенија. А тоа не значи добро лидерство во кризи.

Дали акумулацијата од крупни глобални проблеми го отежнува формулирањето на некоја одредена идеја?

Не, она што недостига е храброст. Се наоѓаме во временски теснец и решенијата кои ни ги нудат партиите очигледно немаат носечка сила. Она што ни е потребно од психолошки аспект, е комуникација на промени. Во светски рамки, исправени сме пред единствена задача: нужноста од скротување на капитализмот, кој ги уништува колективните добра и ја урнисува економската сигурност. Во форма на социјална држава, капитализмот во национални рамки беше скротен, сега истото мора да го извршиме во интернационални рамки, во спротивно, светот ќе експлодира поради растечките нееднаквости и тензии.

До изборите за Бундестаг има уште една недела. Дали сите партии се имаат веќе помирено со евентуална нова голема коалиција?

Тоа го гледам сосем јасно. Нема напори да се направи нешто друго, да се развие некој осмислен проект како алтернатива за големата коалиција и канцеларката Меркел. Тоа требаше да биде задача последниве години, задача првенствено за Мартин Шулц. Тоа е пропуштено. СПД направи историско потфрлување, зашто не се реши да изгради некоја алтернатива. За да се води политика, недоволно е да се изјави: „Сакам да бидам канцелар“. Политиката значи да се придобијат доволно сојузници и поддржувачи за одреден проект за подобар живот и да се победат отпорите. Шулц не се ни обиде да го направи тоа.

Thomas Kliche
Томас КлишеФотографија: Alexej Woronzow

Од изборните плакати отскокнуваат првенствено оние од кампањата на ФДП, либералите, кои претпочитаа изборна кампања во стилот „еден човек“, инсценирајќи го партискиот лидер Кристијан Линднер како некој вид Џемс Бонд: со црно бели фотографии, на кои тој со замислен поглед е фокусиран во камерата. Дали ни е тоа приемчиво и атрактивно?

Да, исклучително умешно направено. Не толку за да ги контактира директно избирачите, туку пред сѐ да предизвика заборав. Либералите порано редовно ги следеше репутација на клиентелистичка политика и немилосрдност. Преку новото раѓање на партијата во личноста на Кристијан Линднер, целосно се плакне старата репутација и се заменува со машки конотираната тврдост и персонифицирање на способност за пробивање. А притоа, содржината е настрана од видокругот. Линднер е некој вид политички модел.

Политички модел - дали е тоа режирање на одреден пример, личност - предводник?

Точно. Пред иднина полна со економски, еколошки кризи, фрагилни сојузи, кај луѓето постои извесна тегобност ако се нема некој план и водство ориентирано кон промени. Луѓето посакуваат лидер кој ќе ги води низ овие кризи. Политичарите треба да олицетворуваат некоја визија и да понудат нови решенија за проблемите. Но, бидејќи изостануваат визионерски идеи, на нивно место доаѓаат личности кои повеќе отелотворуваат стил и атмосфера, отколку политички одлуки и решенија.

Дали ваквите обиди за инсценација не се проѕирни?

Политичкиот модел раскрстува со усталените стандарди на една политика, која ни подметнува унифицирани формати во големи размери. Големите партии предолго се фокусираа на регрутирање симпатизери со општи флоскули и самопрезентирачки конвенции. ФДП тоа го прави поинаку и затоа ќе профитира.

Дали во вакви тешки времиња не треба да се погледне трезвено на работите и да се праша: кој е најдобриот менаџер кој ќе нѐ извлече од кризите?

Репертоарот на добрите менаџери, од психолошки аспект, е следниот: тие се зафаќаат со ситуации, со ново дефинирање на задачи и сопствените ресурси и различно реагираат. Посебно, тие вршат спојување на конвенционални и трансформирани раководни стилови. Притоа, тие автоматски претставуваат и луѓе за пример, предводници, зашто имаат одредена визија, во спротивно нивната фирма би банкротирала. Раководењето со луѓето својата сила генерално ја црпи од спојот на визијата и примерот, лидерството на сите ни служи за решавање на проблемите. Тоа има социјална функција. Добриот менаџмент е нераздвоен од емоциите.

Томас Клише е професор по образовен менаџмент на Факултетот Магдебург-Штендал, негова специјалност е политичката психологија.