Најмал интерес за вакцинација во Кичево и во Дебар
3 август 2021Скопје, Битола, Тетово, Куманово, Прилеп и Охрид се градовите со најголем број вакцинирани лица, кои ја имаат примено првата доза против Ковид-19. Според последните податоци, во главниот град Скопје - прва доза примиле 159.514 лица, во Битола - 35.067 и во Тетово вкупно 31.007 граѓани. Куманово, Прилеп и Охрид имаат помеѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, а помеѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега и во Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип.
Во Кочани и Струга вакцинирани се над 10.000 граѓани. Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Свети Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крива Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, Македонски Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш се вакцинирани под 10.000 граѓани во секој од градовите.
-повеќе на темата: Рекорден број имунизирани во еден ден - се вакцинираа 20 илјади граѓани
Најголем опфат со една доза вакцина има во градовите Гевгелија 46,2%, Кавадарци 46,1%, Охрид 45,4%, Битола 43% и Штип 41,1%. Помеѓу 30 и 40% со прва доза на вакцина е опфатено населението во Скопје, Демир Хисар, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Валандово и Пробиштип. Помеѓу 20% и 30% од населението во Св.Николе, Кочани, Виница, Делчево, Куманово, К.Паланка, Кратово, Струга, М.Брод, Струмица и Радовиш. Најмалку вакцинирани има меѓу жителите на Кичево 18,2%, Дебар 18,6%, Тетово 19,4% и Гостивар 18%.
„Заклучно со 1 август, 31% од населението во државата над 18 години е вакцинирано со прва доза на вакцината против Ковид-19. Апелирам на што поголема заинтересираност и во периодот што следува. Вакцинацијата е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме натамошно ширење на истиот во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта сојот“, вели министерот за здравство Венко Филипче.
-повеќе на темата: Филипче најавува рестрикции - во кино и на настани само со сертификат за вакцинација
Кај лицата над 50 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6%, кај лицата над 60 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2%, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9%.
Во тек е вакцинација без закажување термин во постоечките вакцинални пунктови во земјата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба. Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга. Вакцини има доволно и се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат, велат надлежните.