1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најмалиот претседавач со ЕУ

Бернд Ригерт
2 јануари 2017

Минијатурната островска држава од 1. јануари на половина година го презеде кризниот менаџмент во ЕУ. Малта сака да помогне пред сѐ во решавањето на мигрантската криза, односно во областа во која има искуство со векови.

https://p.dw.com/p/2V8aO
Belgien EU Logo der Ratspräsidentschaft
Фотографија: Regierung Malta

Пејсажи од Малта често се гледаат во целиот свет, иако на луѓето најчесто воопшто не им е јасно дека токму Малта ја виделе во кино или на телевизиските екрани. Првата сезона од телевизиската серија „Игра на престоли“ во дел е снимана на тие мали острови во Средоземното Море. Малта била кулиса и за многу филмови. Уличките на главниот град Валета се претвораа во палата во „Грофот Монте Кристо“, во тајни места во „Кодот на Де Винчи“, во љубовно гнездо за Бред Пит и Анџелина Џоли или во главниот плоштад во Троја. Едно филмско студио на Малта долги години нудеше дури и специјални базени со посебни можности за снимање бродови или некои други морски сцени- во меѓувреме такви базени има и во Шпанија или во Лондон.

Снимањето филмови е сезонски бизнис и зависи од многу фактори, вели Енгелберт Грех од владината установа Комисија за филм на Малта и додава оти во таа работа мора да се биде флексибилен и не смее премногу да се потпира само на една „тезга“. Малта на меѓународните филмски продуценти им нуди комплетен сервис, финансиска поддршка, речиси константно убаво време и јазик кој го разбира секој. Англискиот е, покрај малтешкиот, официјален јазик на земјата која независност од Велика Британија стекна дури во 1964. година.

Мала но со големи амбиции

Премиерот на Малта, Џозеф Мускат, својата земја, најмала во ЕУ, сака во наредните 6 месеци да ја претстави како флексибилна и успешна- како што се тоа всушност и филмаџиите кои снимаат таму. Мускат (42) веќе 3 години е премиер на Малта. Овој социјалдемократ ја прекина со децении долгата превласт на конзервативната партија, инаку тесно поврзана со малтешката католичка црква.

Malta Premierminister Joseph Muscat
Џозеф МускатФотографија: Regierung von Malta

Денес веќе не може да се забележи дека социјалдемократите во 2004. година беа против пристапување кон ЕУ. Џозеф Мускат важи за „примерен Европеец“ кој  пред сѐ сака да издејствува компромиси во миграциската политика: бидејќи, додека многу членки на ЕУ се противат да прифатат бегалци односно баратели на азил, земјите кои се наоѓаат на удар на бегалската криза и во кои пристигнуваат најголем број луѓе- Грција, Италија и Малта- бараат распределба на бегалците. „Верувам дека постои волја позициите што е можно побрзо да се приближат една кон друга. Тоа ќе биде многу тешка задача за малтешкото председателство со Европската унија. Ќе дадеме сѐ од себе тие различни позиции- да ги споиме“, вети Џозеф Мускат за време на последниот самит на ЕУ во средината на декември во Брисел.

Да се сузбие миграцијата од Африка

Малта со своите 420.000 жители е најмала држава во ЕУ- по неа е Луксембург. Прв пат симболично да се биде на чело на 500 милиони население во ЕУ затоа е огромен логистички и политички предизвик, свесен е Мускат. Во февруари во Валета ќе се одржи неформален, специјален самит на шефовите на влади или на држави на кој би требало да се расправа за бројните кризи- па така и за бегалската. Мускат сака да ги запре миграциските движења од Африка кон ЕУ: „Она што се договоривме со Турција, би требало на овој или оној начин да го повториме и кога станува збор за Средозменото Море“. Турција се обврза оти ќе ги прими назад бегалците и мигрантите од Грција, што со себе повлече и голем ефект на заплашување. Најдобро би било тие луѓе, вели Мускат, да останат во Африка и воопшто да не тргнуваат на опасниот пат преку море.

Малта, која се наоѓа на бегалската рута помеѓу Либија и Италија, во 2016. година прими околу 1.700 баратели на азил. Од 2012. година тие се вкупно 20.000. Меѓутоа, само една третина од нив останаа на малтешките острови. Поголемиот број од нив се префрлаат во Италија. Малта мигрантите сѐ до јануари 2016. година автоматски ги сместуваше во затворени прифатни центри и таа пракса ја промени дури по критиките од странство. Со помош на ЕУ, формираше отворени прифатни центри.

EU Ratspräsidentschaft Malta
Фотографија: Pressestelle Europäischer Rat, Malta

Потресна историја: сите биле на Малта

Миграцијата за Малтежаните не е само актуелна, туку и историска тема. Поради својата стратешка положба во Средоземното Море, овие острови секогаш биле цел за освојувачите и населениците. Илјадници Малтежани морале да ја напуштат својата татковина и да се преселат во многу други делови во светот.

Фениќаните, Римјаните, Грците, Арапите, Италијанците, крстоносците, Наполеон, Британците... сите тие владееле со Малта и оставиле политички, економски и културен печат. На пример во јазикот: малтешкиот јазик е еден од 24 официјални јазици во ЕУ, има арапски корени, но има исталијанско и англиско влијание. Малтешкиот јазик, кој има уште и низа дијалекти, е единствен семитски јазик кој се пишува на латница. Со Малта со векови владееле крстоносците. Католичката црква, кон која припаѓа 90 насто од населението, и денес е важен фактор. Католичката црква е запишана и во уставот и таа издржува голем дел образовни институции во државата. Дури во 2011 година на Малтежаните со закон им е овозможен развод на брак.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија