„Најзелената“ климатска конференција досега
4 ноември 2017Во германскиот град Бон од 6 до 17 ноември ќе се одржи меѓународната климатска конференција КОП23. Бон во тие две недели се претвора во глобално еко-село. Градот на реката Рајна има околу 300.000 жители а се очекуваат 20.000 гости на конференцијата. Во последните три месеци за потребите на КОП23 е подиган вистински град од шатори на површина поголема од 8 фудбалски игралишта.
Исто така, модернизирана е и градската инфраструктура при што беа ангажирани над илјада работници за сето да биде навреме подготвено за климатската конференција. Германија за организацијата на КОП 23 вложи 117 милиони евра. Тоа ќе биде едно од најголемите случувања некогаш одржани во земјата. Само мобилните брани против поплави на Рајна чинеа 2 милиона евра. Но колку сето ова е еколошки?
„Ова ќе биде најзелената климатска конференција на ОН некогаш одржана“, вели Ник Натал, портпарол на конвенцијата за климатски промени на ОН (УНККК). Тој додава : „Целиот материјал ќе биде повторно употребен. Емисијата на гасови ќе биде навистина во предвидените граници, а кога станува збор за храната која ќе биде сервирана на конференцијата, таа ќе биде целосно органска, вегетарјанска храна“. Според Натал ќе се води сметка и за ограничување емисијата на штетни гасови на посетителите кои ќе дојдат во Бон од сите краеви на светот.
Во фокусот на КОП23 се островите, а а со конференцијата претседава токму островската држава Фиџи. Традиционалното кану од Фиџи е симбол на конференцијата и на тоа дека „сите сме во ист чамец“.