Најголем број од барањата за азил во ЕУ - во Германија
24 јуни 2019Германија и за ланската година е рекордер по примени барања за азил во европски рамки, без оглед на намалувањето на вкупниот број за 17 проценти во однос на претходната година. Минатата година заштита во Германија побарале 184.000 луѓе. Во бројката се вклучени и апликациите на оние кои веќе претходно побарале азил. Ова произлегува од извештајот на службата на ЕУ за азил, Еасо, претставен денеска во Брисел. Според него, во 28. членки на ЕУ, како и во Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн, лани барања за азил поднесле 664.480 луѓе. Тоа е 10 проценти помалку во однос на 2017. година и намалување трета година по ред - во 2015. година имаше близу 1,4 милиони барања за заштита. Но, во првиот квартал од 2019 година надолниот тренд не се потврдува.
Повеќе:
Зехофер предлага бегалците кои прават проблеми да бидат затворани
ЕУ заостанува во преселбата на бегалците
ЕУ одамна не може да се усогласи околу рамномерна распределба на бегалците во сите земји. Во прв ред Унгарија и Полска не сакаат да преземат обврска за прифаќање мигранти. Токму затоа не може да напредува ни европската реформа на системот за азил. Додека бројот на баратели на азил во Германија опаѓа, во Франција тој се покачува четврта година по ред и во 2018 изнесува 120.000; во Грција пораснал петта година последователно (77.000 барања). Мерено според големината на населението, најмногу барања за азил има во Кипар, Грција и Малта. Најголем дел од апликантите за азил, една четвртина, доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак. Интересно е што удел од 7 проценти имаат бегалци од Венецуела - околу 18.400 барања. Јужноамериканската земја се наоѓа во тешка економска и политичка криза, поради што околу 4 милиони нејзини жители од вкупно 31 милион ја напуштиле и бараат спас на друго место.