„Национална катастрофа“ во Јужна Африка
13 февруари 2018Кејп Таун веќе три години е зафатен од голема суша поради малите врнежи на дожд кои го спуштија нивото на вода во браните на минимум. Вториот по големина град во Јужна Африка сега е пред опасноста да мора целосно да ја запре водата за домаќинствата во ткн. „нулта ден“ со цел да ги одржи своите резерви на вода. Според актуелните проекции, „нулта денот“ би можел да се случи на 11 јуни годинава. Дополнителен проблем е што поради сушата без вода остануваат и големи делови од јужна и западна Јужна Африка.
Аналитичарите велат дека „доколку не се случи чудо“, Кејп Таун ќе остане без вода за пиење.
Властите во Кејп Таун веќе им наредија на своите над четири милиони жители да ја намалат дневната потрошувачка на вода на 50 литри дневно по лице. Тоа е еднакво на шестминутно туширање во градот во кој во тоалетите одамна не се пушта вода, а локалните политичари ги убедуваат жителите дека немиената коса е нов статусен симбол.
Доколку водата запре, Кејп Таун ќе стане првиот голем светски град чии славини се буквално суви. Не постои сличен преседан со кој би можеле да се прават споредби, но јасно е дека тоа ќе има огромно влијание врз политички нестабилната и економски осиромашена држава.
Стравот, но и недовербата во државните институции се толку големи што дури и политичарите се надеваат на чудо. Во ноември минатата година, во градот беше поканет самопрогласениот проповедник Ангус Бјухан да ја предводи заедничката молитва за дожд. Бјухан, кој соопшти дека доаѓа освежен откако претходно подигнал жена од мртвите, ги убедуваше своите верници дека браните ќе се наполнат со вода до март годинава.
Локалните климатолози велат дека климатските промени не се главната причина за сушата во регионот, иако и тие играат голема улога. Основниот проблем е политички. Во Кејпт Таун и провинцијата во која се наоѓа градот владее либералната Демократска алијанса. Тоа е единствената провинциска влада која не е под контрола на Африканскиот национален конгрес (АНЦ)- партијата на покојниот Нелсон Мендела која ја држи и власта на национално ниво. Многу политичари на АНЦ би сакале да видат неуспех на Демократската алијанса во Кејп Таун, со што би им се отворила шанса да се вратат на власт во провинцијата во 2019 година.
Надежта сега е дека новото ограничување од 50 литри вода дневно би можело да го одложи доаѓањето на „нулта денот“ барем до почетокот на сезоната на дожд во август годинава. Но, дали сушата тогаш ќе заврши останува големо прашање.