1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Национална жалост по жртвите во пожарите во Португалија

СН/ агенции
17 октомври 2017

Шумски пожари пустошат во Португалија. Бројот на загинати се искачи на 36. А, земјата сѐ уште нема вистински заздравено од најсмртоносните пожари во нејзината историја, во кои во јуни годинава загинаа 64 лица.

https://p.dw.com/p/2lwzq
Portugal Waldbrände
Фотографија: picture-alliance/abaca/J. Henriques

Португалија од денеска прогласи тридневна жалост по смртта на најмалку 36 лица во шумските пожари во кои загинаа и три лица во соседна Шпанија. Околу 3.600 пожарникари во текот на изминатата ноќ се бореа да ги угаснат останатите 50 пожари. Седум лица се водат како исчезнати. Повредени се најмалку 63 цивили и пожарникари, а 16 од нив се во критична состојба.

Шумските пожари ги опустошија португалските области: Коимбра, Кастело Бранко, Вижеу и Авеиро, како и шпанската област Галиција. Противпожарните авиони не можеа да бидат испратени на поголемиот број места зафатени од огнената стихија поради облаците од чад кои ја намалија видливоста.

Portugal Waldbrände
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Franca

Владата на Португалија побара меѓународна помош и прогласи вонредна состојба на територијата северно од реката Тажо, што е околу половина од копнената површина на земјата.

Пожарите дополнително ги разгоре силниот ветер кој го следеше ураганот Офелија на Атлантскиот океан.

Официјалните претставници во Португалија и во Шпанија сметаат дека некои од пожарите се подметнати.

Португалија најсмртоносните пожари ги имаше на 17 јуни годинава кога во областа Педрогао Гранде настрадаа 64, а повредени беа 250 лица.

Смртоносно инферно во Португалија