Столтенберг за ДВ: Мора да се соочиме со Кина
23 март 2021Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО денеска во Брисел ќе се сретнат лично, првпат од почетокот на пандемијата. На дводневната средба ќе учествува и новиот американски министер за надворешни работи Ентони Блинкен. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред почетокот на средбата, за ДВ оценува дека е тоа позитивен знак.
Новата американска влада покажува „силен ангажман за трансатлантското единство“, изјави Столтенберг и додаде: „Сега имаме уникатна шанса да отвориме ново поглавје во односите помеѓу Северна Америка - САД - и Европа.“
Шефовите на дипломатии на земјите на НАТО во Брисел ќе се интересираат, меѓу другото, како Бајден ќе се однесува по прашањето на Авганистан. Владата на неговиот претходник Доналд Трамп најави повлекување на сите странски трупи до крајот на април. Бајден досега не се изјаснил по тоа прашање. На дневен ред на средбата во Брисел, покрај Авганистан, стојат и реформата на НАТО и ставот на западниот воен сојуз кон Русија. Можно е, по санкциите од страна на ЕУ, Велика Британија и САД, тема на разговор да биде и политиката кон Пекинг.
Повеќе:
Што може Европа да очекува од Џо Бајден?
Американците и Французите се помалку го сакаат НАТО
Примирје во Студената војна меѓу САД и Кина
Столтенберг смета дека подемот на Кина им нуди на земјите на НАТО нови можности, како „во делот на трговијата и за нашите економии“: „Мораме да ја вклучиме Кина во врска со многу прашања, меѓу другото и промените на климата“, нагалси генералниот секретар на Алинјансата. Но, тој додава дека Кина е сила во подем „која не ги дели нашите вредности“.
„Тоа се огледа и во односот на Кина кон Хонгконг, во потиснувањето на опозицијата во земјата, како и во начинот на кој Кина го поткопува поредокот заснован на правила“, објаснува Столтенберг. „Кина ни се приближува, на пример инвестира во наша критична инфраструктура“, предупредува тој и оценува дека НАТО е приморан „да се соочи со последиците по безбедноста на нашите регионални партнери и поместувањето на глобалниот однос на силите“.
На средбата на шефовите на дипломатии на членките на НАТО во Брисел ќе присуствува и македонскиот министер Бујар Османи. Тој ќе биде прв политички претставник од Северна Македонија кој физички ќе присуствува на состанок на Северноатлантскиот совет од зачленувањето на земјата во НАТО, во март минатата година.