Со НАТО-самитот во Мадрид се затвора една историска епоха и се отвора друга, сосема нова фаза во комплицираните односи помеѓу Европа и Русија. Како ќе се нарекува таа идна епоха, дали како реиздание на Студената војна, или според некој пооригинален термин, допрва ќе видиме. Тоа што со сигурност можеме да го кажеме е дека е завршена илузијата од 1997 година, кога со „Nato-Russia Founding Act“ се замислуваше развивањето на односи на соработка со Москва. Дефинитивно е затворен и претходниот Стратегиски концепт на НАТО, кој беше усвоен во 2012 година, а во кој документ Русија беше оценета како партнер.
Тие илузии потонаа поради носталгијата на Путин да ја воскресне руската империја преку инвазијата на Украина и откако веќе ги навести своите планови со нападите врз Грузија и Крим.
Руската инвазија ја разреши идентитетската криза на НАТО
Во новиот Стратегиски концепт Русија се дефинира како најзначајна и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците. Новиот Стратегиски концепт ја опишува безбедносната средина со која се соочува Алијансата и ја наведува клучната цел на НАТО - да обезбеди квалитетна колективна одбрана: „Документот поставува три клучни задачи за НАТО во следната деценија. Тоа се одвраќање и одбрана, спречување и управување со кризи и кооперативна безбедност“.
На тој начин одбранбениот сојуз беше приморан да се врати на својата оригинална функција поради која и настана, односно - да брани. Руската инвазија врз Украина ја разреши идентитетската криза на НАТО. Се потврди старото правило валидно за секој воен сојуз, кој за да функционира, мора да има непријател. Путин таа улога ја изигра маестрално, избавувајќи ја Алијансата од „мозочната смрт“ која ѝ беше долго најавувана. Со тоа НАТО ја затвора и својата фаза по падот на Берлинскиот ѕид, кога талкаше помеѓу повеќе опции: од ширењето кон земјите од Варшавскиот пакт, интервенцијата во Косово, до поддршката на САД во Авганистан и катастрофалното повлекување.
Сега сѐ тоа е минато, а Алијансата е вратена на својата оригинална мисија, дури и зајакната по отстранувањето на турското вето за приемот на две нови членки, Шведска и Финска, инаку традиционално воено неутрални земји. Путин посакуваше разединет и поделен Сојуз, ситуиран што подалеку од неговите граници. Го доби сосема спротивното - една зајакната и проширена Алијанса, чии граници сега ќе се простираат од екстремниот север до крајниот југ на Руската Федерација.
Големите добитници
Стратешката одлука на НАТО е во едни поинакви околности и во еден свет кој веќе не е биполарен, да се врати логиката на старата Студена војна, преку способноста заеднички да се одбранат сојузничките територии, одвраќајки ги сите закани од конвенционален напад и во исто време зајакнувајќи го нуклеарното одвраќање.
Во тој дух се и некои од конкретните одлуки донесени во Мадрид, пред сѐ преку клучната иницијатива на Вашингтон. Претседателот Бајден во тој контекст најави значително зголемување на трупите за брзо прераспоредување во Европа, од актуелните 100 илјади на 300 илјади војници. Еден мал дел од овие трупи ќе завршат во источна Европа, додека поголемиот дел ќе останат во земјите на потекло, но со способност за брза мобилизација и распоредување на источниот фронт. Треба да биде поставен и постојан главен штаб во Полска, прв од својот вид во една поранешна членка на Варшавскиот пакт, како и баталјон од 5 илјади војници во Романија. Покрај постоечките 4 разурнувачи, Шпанија ќе се зајакне со уште два разурнувачи. Ќе се зголеми присуството на американските сили во Балтичкиот регион, ќе се распоредат дополнителни Ф-35 воени авиони во Велика Британија и ќе се зголемат капацитетите за воздушна одбрана и други способности во Германија и Италија.
Со други зборови, ќе бидеме сведоци на сериозно зајакнување на сојузничките воени сили, нешто што не е направено најмалку 30 години, на што ќе следува и парцијална промена на воената доктрина на НАТО, со што првите одбранбени линии на Алијансата ќе бидат поотпорни на евентуален напад.
Големите добитници од оваа трансформација на НАТО се пред сѐ источните и балтичките држави членки, особено Полска и Романија, кои се централни стожери на источниот фронт на Алијансата. Секако, многу ќе добие и Турција, која за откажувањето од ветото доби дозвола од американската Влада (недостига уште од Конгресот) за модернизирање на својата Ф-16 флота и очекува да добие дозвола за нова офанзива во Сирија. Како и да е, Анкара успеа да ја потврди својата одлучувачка улога во Средоземјето, додека Грција ќе се обиде да ги добие новите Ф-35 авиони од Вашингтон.
Двоен систем на сојузништва
Но, евроатлантската безбедност не зависи само од новата Студена војна со Русија. НАТО-алијансата од 21. век мора да се трансформира во глобален субјект. Едното око на Алијансата сѐ повеќе ќе биде свртено кон Кина и Индо-Пацификот, а воедно ќе расте свесноста дека опасностите може да дојдат и од Северот и од Југот, поточно, и од Африка и од Арктикот. Ако Кина пред 10 години воопшто не беше земена предвид во стратешкиот документ на НАТО, сега таа е дефинирана како „системски предизвик“ за безбедноста, интересите и вредностите на сојузниците. Токму во однос на Кина беше и најтешко за сојузниците да најдат одредена позиција на рамнотежа, помеѓу САД, кои на Пекинг гледаат како на прв противник на долги патеки и Европјејците, кои се загрижени од зајакнување на партнерството помеѓу Москва и Пекинг.
Но, токму и тоа партнерство, најавено како „сојуз без граници“ и запечатено помеѓу Ши и Путин на 4-ти февруари, пред самиот почеток на инвазијата врз Украина, заедно со постојаната кинеска промоција на рускиот наратив и секојдневните обвинувања дека НАТО се шири на Истокот, се причината поради која Алијансата ја промени својата геополитичка доктрина и во насока на соочување со сѐ поагресивната Народна Република. Станува збор за неизбежно надополнување на регионалната мисија на НАТО преку споделување и прифаќање и на глобалните ризици за сите земји членки. Не случајно, на НАТО-самитот во Мадрид се најдоа поканети и четири азиски партнери, односно Јапонија, Јужна Кореја, Нов Зеланд и Австралија. Иднината на НАТО, барем според американската визија, е двоен систем на сојузништва, устоличени околу демократските системи и со Америка како централен лидер. Со ова дефинитивно се отвора и фазата на директен одговор на автократските предизвици против демократиите.
- повеќе од авторот: Путин и Петар Велики
Коцката е фрлена
Се разбира ваквата историска трансформација на Алијансата ќе има свои материјални и човечки трошоци. НАТО во моментов има 30 членки, што значи дека секоја земја во просек би требало да придонесе со околу 7-8 илјади војници. Малите земји како Македонија, Албанија или Црна Гора, не се во состојба да обезбедат такви бројки. Што пак значи дека секоја земја ќе даде придонес во сооднос со своите капацитети и можности. Големите држави ќе мора да обезбедат по неколку десетици илјадници војници. Тоа е голем залак за многу земји кои не се прерасположени за војна, како Италија, Шпанија или Германија, и кои голем дел од своите трупи ги имаат трансформирано или специјализирано за само одреден вид на војување, а не и општа војна.
- повеќе од авторот: Расипаната франко-германска локомотива го заглави возот за ЕУ
Промените ќе изнудат и сериозно зголемување на воената потрошувачка, каде голем дел од членките се под договореното ниво. Тоа ќе бара големи инвестиции, тешки економски избори, обновување на воената доктрина, сериозни дебати и несогласувања со јавноста и секако, градење на една споделена стратешка култура, нешто што на Европа хронично ѝ недостасува.
Кај голем дел од сојузниците ќе натежне прашањето до каде може да се потпрат на обврските преземени од Бајден и што ќе се случува со Америка и на мид-терм изборите, а особено во 2024-та година? Конечно, тука е и украинското прашање, каде сѐ уште не е јасно колку ќе трае војната и колку долго ќе издржи евроатлантската солидарност и консензус.
Но, изборот е направен, коцката е фрлена, враќање назад повеќе нема. Во Мадрид се роди новиот глобален НАТО-сојуз. Путин мислеше дека ќе го подели Западот и дека времето е на негова страна. Од Мадрид доби остар демант на сопствените илузии.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.