1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО не сака конфликти со Русија

Сабине Кинкарц/Ж.А.3 јуни 2016

Подготвеност за дијалог, но и демонстрирање сила - НАТО планира на самитот во јули да дефинира токму ваква стратегија кон Русија. За тоа разговараа канцеларката Меркел и шефот на НАТО, Јенс Столтенберг во Берлин.

https://p.dw.com/p/1Izot
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Се чини, коцките се фрлени. НАТО значително ќе го зајакнува военото присуство на Истокот, во тоа шефот на Алијансата Јенс Столтенберг не остава сомнеж. „Ќе го зголемиме нашето присуство преку дополнително опремување на баталјони испратени во источните делови“, изјави Столтенберг по разговорите со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин.

Генералниот секретар не наведе конкретни бројки, но во оптек се информации за преместување на неколку ротирачки баталјони со повеќе илјади војници во Балтикот и во Полска. Во нив треба да има и војници на Бундесверот. Така, првпат по крајот на Студената војна, НАТО ќе има поголеми единици на границата кон Русија, и тоа токму на територијата на поранешниот Варшавски пакт.

(Нема) нова Студена војна?

Тоа е деликатна ситуација, првенствено за Германија. „Разговаравме околу карактерот на нашиот ангажман на Истокот“, побрза да објасни канцеларката Меркел по разговорот со Столтенберг. Според неа, за Германија договорот НАТО - Русија секогаш останува важен документ.

„Не го погазуваме овој договор, се движиме во негови рамки, а треба постојано да го одржуваме во живот“. Во договорот НАТО - Русија стои ветувањето на Западната алијанса кон Москва дека во Источна Европа нема да стационира дополнителни и перманентни борбени трупи.

Германија сака по секоја цена да остане во разговори со Русија и да ги држи отворени политичките и дипломатските канали. Од друга страна, станува збор за исполнување на обврските од членството во НАТО. На самитот на Алијансата во Варшава ќе бидат конкретизирани важни насоки, изјави Меркел. Од таа причина, пожелно би било пред самитот во Варшава да се одржи уште еден состанок на Советот НАТО-Русија, инсистира Меркел.

Интенцијата гласи - одвраќање

Столтенберг има целосно разбирање за деликатноста на германската позиција. И тој истакнува дека НАТО не сака во никој случај конфликт со Русија. „Она што го прави НАТО, има дефанзивна природа, тоа е адекватно и значи наш придонес кон заедничката одбрана.“ Целта не е провоцирање судир, туку негово спречување. „Не сакаме никаков конфликт со Русија, напротив, се обидуваме да постигнеме поконструктивен однос кон Русија.“

Целта на НАТО е воспоставување „веродостојно одвраќање, заплашување“, потенцира Столтенберг. Алијансата сака да стави крај на натамошните руски експанзионистички стремежи.

Russland Moskau Feierlichkeiten Jahrestag Krim Annektierung
Русија ја слави годишнината од анексијата на КримФотографија: Getty/AFP/D. Serebryakov

Со оглед на настаните во Украина и анексијата на Крим, првенствено балтичките држави стравуваат од слична закана. „Соочени сме со една Русија подготвена да употреби воена сила за промена на границите во Европа, поставени по Втората светска војна“, вели Столтенберг. „НАТО мора и реагира, со тоа што ја зајакнува нашата колективна безбедност, нешто што не сме го направиле по крајот на Втората светска војна.“

Ангажман и во Северна Африка?

Покрај односите со Русија, тема на разговорите на Меркел и Столтенберг беше и безбедносната ситуација во повеќе земји. НАТО планира засилен ангажман во обуката на ирачките војници и офицери, како и натамошно оспособување на војската во Авганистан. „Сметаме дека НАТО може и треба да направи повеќе токму за соочување со овие предизвици во овој регион“, изјави Столтенберг. Притоа, станува збор и за „подобрување и засилување на нашето морнаричко присуство заради безбедност во Средоземното Море.“

Ангажманот на НАТО против криумчарите на луѓе во Егејот наиде на пофалби од двајцата политичари. Меркел зборуваше за „добриот тек на мисијата Софија“, која според нејзе е погодна и за надградба. Идните денови ќе се разговара и околу проширувањето на ангажманот на НАТО против шверцерите и надвор од Егејското Море.