НАТО меѓу повлекување и вооружување
5 септември 2014Повлекувањето на силите на НАТО, ИСАФ-трупите, од Авганистан се одвива многу прецизно. Десетици илјади војници веќе ја напуштија земјата, а до крајот на годината тоа треба да го сторат и сите преостанати. Што понатаму?
НАТО не сака да ги остави сами единиците на авганистанската армија кои беа обучувани, па затоа во земјата ќе бидат испратени меѓу 10 и 15 илјади војници, чија задача ќе биде обука и советување. Но, надлежните авганистански политичари, вплеткани во интерни политички борби, се‘ уште не го потпишале договорот за статусот на тие сили. А без договор, нема ни мисија. На тој начин, Авганистан би бил препуштен на самиот себе, што не е желба ниту на НАТО ниту на Авганистанците. Последиците би биле хаос, каков што денес може да се види во Ирак.
По 13-годишен американски и меѓународен ангажман во Авганистан, НАТО мора да сведе искрен биланс. Но, на самитот во Велс тоа не се случи. Напротив, таму на официјално ниво само се обидуваа да ги разубават нештата. Не е точно дека безбедносната состојба во земјата со години се подобрува, како што тврди НАТО. Талибанците стануваат се‘ посилни и го шират подрачјето на своето владеење. НАТО успеа да ја запре опасноста од Ал Каеда, но не успеа да ги запре радикалните талибанци. Не се успеа ниту да се создаде модерна демократска држава по западен модел. По сите тие параметри, мисијата ИСАФ може да се смета за неуспех.
Предупредувачки пример секако е Ирак. Оттаму НАТО мисијата си замина во 2011 година на инсистирање на ирачката влада. Три години подоцна може да се види дека централната власт не е дорасната на задачата. Може да се случи дека сега НАТО ќе мора да се врати во Ирак за, барем преку воздушни напади, да им се спротивстави на терористите од Исламската држава.
Повлекувањето од Авганистан за Алијансата е голем пресек. Додека порано се работеше на ангажмани во странство, сега фокусот е на заштитата на земјите-членки. Како одговор на заканите од Русија и конфликтот во Украина, ќе биде зголемено военото присуство во источните земји на НАТО. Состојбата се враќа 25 години назад, во периодот на Студената војна, судир со Советскиот сојуз и Варшавскиот пакт. Во моментов Русија е во предност. НАТО ќе мора да ги подобри своите воени способности. Постојаното намалување на армиите, меѓу нив и на Бундесверот, не беше добра идеја. Буџетот за одбрана ќе мора да се зголеми.
НАТО чувствува дека е опкружен со воени жаришта - од Кабул, преку Киркук и Каиро, до Киев, при што најголема е кризата токму во Европа. НАТО засега нема стратегија како да се справи со оваа состојба. Расправата околу тоа во Њупорт тукушто започна.