Насловните страници на „Шпигел“ за Југославија
Германскиот неделник „Шпигел“ слави 70 години постоење. На неговите насловни страници Југославија се најде 15-тина пати. Македонија, досега, ниту еднаш.
Титовата одисеја?
Во септември 1951. насловната страница излезе во 3 бои. Приказната за „Титовата одисеја“, наречена е „Ничиј слуга во ничија земја“. Во текстот е картата на двата блока и Југославија помеѓу со прашањето: Клучна алка или пукнатина во тврдината?. Авторот пишува: силната Југославија му е потребна на Запад- „засега“- и тоа како комунистичка земја која ја демонстрира слабоста на Источниот блок.
Свежа крв
Насловната страница од октомври 1964. година има посредно врска со Југославија. Станува збор за гастарбајтерите, кои пристигнуваа од Иберискиот полуостров, од Италија, Југославија, Грција и од Турција. „Стројниците на западногерманските работодавачи зујат по континентот за да донесат свежа крв на пазарот на труд“, пишува во текстот.
Моделот се распаѓа
Неверојатно далековиден изгледа текстот од 21. јануари 1980: „Тито е сѐ уште жив“- кој во „Југославија по Тито“ ја гледа следната светска криза? Прогнозата гласи: „Националистичките групи се борат меѓу себе, економскиот замав е запрен, моделот Југославија се распаѓа“. Додуша, не дојде до светска војна, т.е. до судир меѓу Советите и Американците во Југославија, како што се плашеше „Шпигел“.
Големосрпски блок
„Зандана за народот на Југославија: Терор на Србите“ е наслов од јули 1991. по прогласувањето независност на Хрватска и Словенија. Во текстот се потсетува дека 38% Срби живеат во другите југословенски републики и оти Милошевиќ веќе подготвува ново цртање на границите. „Во оваа завршна фаза чукна часот за српската воена мафија во карпата на мултинационална држава да издлаби големосрпски блок.“
Импотентноста на Западот
„Сликите не се толку утописки, толку слични на Војни на ѕвездите“, како што е случај во Заливската војна која е водена со прецизни бомби, пишува „Шпигел“ на почетокот на јули 1992. Сликите од Југославија се „полни со бруталност и архаична грозоморност“. Се тематизира и „импотентноста“ на западните демократии и ОН за време на оваа, како што ја нарече Милован Ѓилас: „најглупава од сите војни“.
Непожелни
Приказната за егзодусот од Југославија звучи актуелно. Насловот од крајот на јули 1992. гласи: „Бран од Балканот: Кој ќе ги прифати бегалците?“ Зборовите за прифаќањето на стотици илјади босански муслимани можат да се применат и денес: Бегалската трагедија можат да ја ублажат само брзи договори и прифатни контингенти. Но Европската заедница се колеба: секој непожелните ги турка кај некој друг“.
Србите против остатокот од светот
Наредната насловна страница е дури во јуни 1995. На неа „господарот на војната“ Радован Караџиќ со зборовите: „Србите против остатокот од светот“. Повод е заробувањето на 370 Сини шлемови. Интервју даде тогашниот шеф на дипломатијата на СРЈ, Владислав Јовановиќ: „Младиќ е тврдоглав, но способен генерал. Во Титовите школи научи да почитува политички авторитети. Нема да се закачи со Караџиќ“
Казнено бомбардирање
„Шпигел“ за бомбардирањето на СРЈ во 1999. објавува пет насловни страници едно по друго. Првата е со наслов: „Војна против убивањето- страв од неконтролиран пожар“. Интервенцијата на НАТО е наречена „казнено бомбардирање“, кое Белград треба да го принуди на договор со косовските Албанци. Но се ризикува прелевање на конфликтот посебно во Македонија, но и во Германија, каде има многу Срби и Албанци.
Дебакл на НАТО
Три недели подоцна магазинот пишува за „дебакл на НАТО“, кој со „сѐ повеќе авиони и напади“ се обидува да го зголеми притисокот врз Белград, но се почесто погодува и цивилни цели. Дури тројца новинари во интервју го притискаат шефот на дипломатијата Јошка Фишер, кој се брани од обвинувањата: „За мене војна е војна, а тоа значи дека страдаат луѓе, често невини луѓе. Затоа војната е толку ужасна.“
Војна за чиста совест
Во наредното издание се најавува „одлуката“- копнена војна или мир. Во остриот текст германското учество во бомбардирањето на СРЈ се критикува како „војна за чиста совест“. Се исмеваат и споредувањето на Милошевиќ и Хитлер и „војничкиот новоговор“ за „колатерална штета“ со заклучок: „Никој сериозно не може да тврди дека војната на Косово е во согласност со повелбите на ОН“.
Mir?
На 7. јуни, три дена пред крајот на бомбардирањето, насловот е „Мир? Цена, ризик, последици“.Канцеларот Герхард Шредер во интервју вели: „Војната никогаш не се исплатува.Но за жал беше неопходна за да се елиминира конфликт, кој инаку би имал далеку потешки последици.“ Дописничката од Белград јавува:„Олеснувањето кај Србите поради претстојниот крај на војната се меша со бесот кон режимот“.
Најопасен дел од авантурата
Седма насловна страница која е посветена на војната на Косово. Тоа говори колку за Германците беше значаен овој судир- прва „германска војна“ по Хитлер. Шпигел за влегувањето на меѓународните сили на Косово пишува дека тоа е „можеби најопасниот дел од целата балканска авантура на НАТО“.За Милошевиќ пак прашањето: Уште колку царот на Србите може да се задржи на власт? Дали му се заканува пуч?“
Пад на последниот бастион
Последната насловна страница на „Шпигел“ за регионот е на 9. октомври 2000., што покажува дека падот на Милошевиќ значеше и пад на интересот на светските медиуми за регинот. Во насловот цитат од Воислав Коштуница: „Денеска пишуваме историја“. Во текстот малку помпезно (и неточно) стои: „Со неосталинистот Милошевиќ, волјата на народот го збриша и последниот комунистички бастион во Европа.“