Наследството на Арафат
11 ноември 2009Рамала, три дена по смртта на Арафат. Десетици илјади Палестинци во дворот на Муката, привременото седиште на починатиот, го очекуваат пристигнувањето на посмртните останки на деценискиот лидер на Палестинската Ослободителна Организација - ПЛО. Секој Палестинец, барем така изгледаше на овој ден, сака да се прости од Абу Амар, како што тука речиси сите го нарекуваа доминантниот претседател на палестинските автономни власти.
Два месеци подоцна, Махмуд Абас беше избран за нов претседател на палестинските автономни власти. Тој освои преку 60 проценти од гласовите и се стекна со катастрофално наследство.
„Мекиот“ наследник Абас
Владиниот апарат во Рамала, по долгогодишно владеење на Аарафат, е дисфункционален - радикалната организација Хамас и натаму го следи курсот на „оружен отпор“ против окупаторската сила Израел. Новиот израелски премиер Ариел Шарон го смета новиот претседател на Палестинците за премногу слаб. Сепак, Махмуд Абас постојано упатува ист апел до Израелците:
„Сакам да ве уверам, дека патот до безбедноста води преку праведен мир и оти нема воено решение за конфликтот. Ние сме рамноправни партнери во оваа работа и мораме заеднички да го запреме насилството.“
Кога Израел во летото 2005 година ги расчистуваше еврејските населби во појасот Газа, премиерот Шарон опстоја на тоа, работата да ја заврши целосно еднострано. Претседателот на Палестинците Абас, кој од евентуалното „координирано’ предавање на расчистениот појас на Газа енормно ќе профитираше на внатрешно политички план, остана со празни раце. Кога во јануари 2006 година беше избран новиот палестински парламент, победа однесе Хамас, кој е против отстапките кон Израел кои ги правеше Абас. Израел, САД и ЕУ реагираа со остри економски санкции против новоизбраната влада на Хамас. Неполна година подоцна, во декември 2006, Абас немаше друг излез:
„Одлучив да објавам предвремени претседателски и парламентарни избори“ , најави Абас.
Не доаѓа предвид, се спротистави еден од основачите на Хамас , Махмуд Захар:
„Ние нема да учествуваме во тоа. Нема да дозволиме тоа да се случи. Ако Абас е заморен, треба да се повлече.“
Палестинците далеку од национално помирување
Граѓанската војна веќе беснее. Во јуни 2007 година, Хамас за неколку дена го уништи ривалскиот Фатах и од појасот Газа направи свој центар на моќ. Единствената политичка сила со која Абас се’ уште може да добие на значење е новата американска влада. Претседателот Барак Обама треба да му помогне да ги исправи грешките на Договорот од Осло, значи да преговара додека истовремено Израел и натаму гради еврејски населби во окупираните подрачја. Меѓутоа, тактиката на Израел успева и кај администрацијата на Обама.
И додека Абас, речиси истовремено со петгодишнината од смртта на Арафат, најавува дека се откажува од реизборот на функцијата, Хамас гледа потврда за својата политика во сите точки.
„Американската политика е константна. Претседател е избран, но американската политика останува иста, европската политика останува иста. Тие го основаа Израел и го заштитуваат Израел, и Израелците се секогаш во право, а Палестинците секогаш не се во право“ , вели пратеникот на Хамас, Камис Наџар.
Парламентарецот на Фатах, Ибрахим Мусадар, пак, вели дека тоа што Хамас одамна се откажа од својата независност и се подреди на целите на Техеран, го прави речиси невозможен секој вид „национално помирување“:
„Оној кој се вовлекува во регионални конфликти, тешко се извлекува од нив.“
Автор: Клеменс Ференкоте / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска