1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наскоро македонски кирилични домени на интернет

Свето Тоевски26 април 2014

За нецел месец почнува употребата на македонскиот кириличен домен „.мкд“ на интернет мрежата. РМ станува петта земја во светот, по Русија, Србија, Казахстан и Монголија, која има кирилична верзија на национален домен.

https://p.dw.com/p/1BonC
Фотографија: Fotolia/alphaspirit

Меѓународната „Интернет корпорација за доделување имиња и броеви“ (ICANN) уште на 14 април годинава го објави успешното завршување на регистрацијата на предложениот интернационален кириличен домен за Македонија „мкд“. Мишко Талески, портпарол на Министерството за информатичко општество и администрација, појаснува: „Со националниот домен ’.мкд’ отсега ќе можат на интернет да се регистрираат веб-страници на кирилично писмо, односно ќе бидат опфатени карактеристичните букви од македонската азбука како што се ’Љ’, ’Њ’, ’Ѓ’, ’Ж’, ’Ч’, ’Ш’ и ’Џ’. Барањето до ICANN-корпорацијата беше поднесено од страна на ’Македонската академска истражувачка мрежа’ - МАРнет. Кириличниот домен 'мкд' беше избран врз основа на резултатите од интернет-анкета. Врз основа на претходно објавените низи, за кои имаше најголем број на предлози (мкд, мак, рм, македонија, рмак и рмкд) до 15 јануари 2013 година се изјаснија 2.288 граѓани. Од нив 73 проценти гласаа за кириличниот домен 'мкд‘“.

„Македонската академска истражувачка мрежа“-МАРнет функционира како јавна институција. Информирајќи дека „.мкд“-доменот ќе стартува за помалку од еден месец, директорот на „МАРнет“ Сашо Димитриовски во изјавата за ДВ нагласува: „Националниот кириличен мкд-домен ќе им овозможи на македонските граѓани да го користат интернетот, интернет пребарувачите, адресите на електронските пошти и многу други сервиси на своето македонско кирилично писмо. Со воведувањето на кириличниот домен стануваат достапни голем број занимливи поими како потенцијални имиња на домени, на пример географски поими, историски знаменитости...“

„Националниот кириличен домен на интернет има големо значење во меѓународната идентификација на македонската држава и јазик“

Кои се коментарите на експертите во врска со овој успех на Македонија да „зачекори“ со својата кирилична азбука во светскиот интернет простор, во кој доминира латиницата?

Symbolbild Power Point Präsentation
Воведувањето на кириличните домени ќе овозможи интернетот да стане повеќе корисничко-пријателски за македонските граѓани, вели ТрајановФотографија: Fotolia/Syda Productions

Димитар Трајанов, декан на државниот Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ од Скопје, вели: „Воведувањето национален кириличен домен и на македонски јазик е одличен чекор за претставување и зачувување на македонскиот јазик. Така македонскиот јазик и неговото кирилично писмо ќе можат да се користат во интернет просторот. Воведувањето на кириличните домени ќе овозможи интернетот да стане повеќе ’корисничко-пријателски’ за македонските граѓани.“

Убавка Гајдова, научен советник од Институтот за македонски јазик од Скопје истакнува: „Можноста да се отвораат интернет-страници и електронски адреси на македонски јазик и на кирилично писмо го подига националното чувство на македонските граѓани и говорителите на македонскиот јазик бидејќи е крената рампата која ги ограничуваше да го употребуваат својот мајчин јазик, своето оригинално лично име во нивната меѓусебна интернет комуникација и истовремено во комуникацијата со светот. Зборуваме за повикувачката адреса, содржините и порано биле достапни на интернет на македонски јазик. Секоја меѓународна афирмација на македонскиот јазик и неговото кирилично писмо има големо значење во идентификацијата на македонската држава и на македонскиот јазик како посебен и рамноправен субјект во светската заедница на народи и со нивните национални официјални јазици. Еден од условите да се добие домен на друг јазик и писмо различно од латинското е токму барањето јазикот да биде официјален во соодветната држава. Интернетот овозможува широка промоција на фактот дека македонскиот јазик е официјален јазик во Македонија. Официјализацијата на националниот кириличен мкд-домен е уште еден од начините на информирање на светот за оригиналниот лик на македонскиот јазик.“

Symbolbild Handynutzung in Deutschland
Интернетот овозможува широка промоција на фактот дека македонскиот јазик е официјален јазик во Македонија, нагласува ГајдоваФотографија: Robert Kneschke - Fotolia.com

Кога станува збор за промоцијата на македонскиот јазик во пошироки меѓународни рамки преку интернетот, професорката Гајдова укажува на уште еден момент: „Македонија има достапен кириличен национален домен, покрај Русија, Србија, Казахстан и Монголија. Со ова, на свој начин, овие земји покажуваат еден вид единство во употребата на кирилицата наспроти латиницата. Сепак, кириличното писмо во одделните земји има свои специфики и треба да има можност и тие да бидат прикажани кога на интернет се пишува на македонски јазик, или се презентираат содржини напишани на македонски јазик. Станува збор за ракописните букви што ни се достапни на располагање при пишување текстови со македонска кирилична поддршка, од кои значаен дел не одговараат на македонското стандардно писмо. Во најскоро време треба да се реши и ова прашање, кое е од големо значење во презентацијата и идентификацијата на македонскиот јазик на меѓународен план.“

„Комерцијалните веб-страници да пласираат напоредно исти содржини и на кириличните и на латиничните домени на интернет“

На прашањето на ДВ - дали не се јавува опасност за затворање на сите содржини на македонските кирилични домени во еден мал сектор од светската интернет-мрежа, изолиран од сообраќајот во латиничните национални и други домени и дали е можеби подобро сите содржини на македонските кирилични домени да се пласираат напоредно и низ латиничните домени, експертот Трајанов одговара:

„Овде не би требало да зборуваме за изолираност кога е во прашање интернетот, оти неговиот основен концепт е поврзаноста и постоењето врски меѓу различните веб-страници: за да дојдете до некоја веб-страница тоа го правите најчесто преку пребарување на 'Google', или преку кликање на некој линк од дадена страница, или преку линк, кој е споделен на социјалните мрежи. Пронаоѓањето дадена веб-адреса со кириличен домен, ништо нема да биде поразлично од пронаоѓањето веб-адреса со латиничен домен. Овде ќе остане проблемот во ситуација кога ќе треба сами да ја напишете адресата, а на вашиот компјутер немате инсталирано поддршка за кирилична тастатура. Напоредното пласирање на содржините на македонските кирилични домени и на латиничните домени е едно од решенијата и е добра препорака за сите комерцијални веб-страници да го сторат ова.“

Symbolbild Internet Sicherheit HTTPS NO FLASH
Фотографија: fotolia/Torbz

Во врска со достапноста и разбирливоста на содржините на македонските кирилични домени за другиот „латиничен дел“ од светската популација професорката Гајдова напоменува: „Колку и дали ќе ги ограничува во комуникацијата кириличниот домен .мкд, ќе можат да одлучат корисниците: сами ќе може да избираат дали и за кои потреби ќе ја употребуваат кириличната .мкд или латичната .mk верзија на националниот домен. Или ќе ги употребуваат напоредно и двете. Јасен е одговорот на прашањето колку од светската популација ќе може да разбере од информацијата напишана на македонска кирилица, бидејќи најголем дел од населението во светот го употребува латиничното писмо или покрај сопственото го употребува и латиничното. Употребата на латиницата е практична и затоа и понатаму останува можноста за употреба на латиничната верзија на националниот домен. Заради поширока меѓународна афирмација, многу од македонските интернет страници веќе се двојазични или повеќејазични.“

Директорот на „МАРнет“ Димитриовски заклучува: „Кириличниот домен е право на избор, а привилегија е да се користи сопствениот јазик и писмо на Интернет. Содржината на интернет-страниците не се директно поврзани со доменот, односно, и покрај кириличниот домен, содржината на страницата може да биде на друго писмо. Паралелно со .мкд, функционалноста на .mk-доменот ќе биде целосна. Објавувањето на содржините на еден ист домен, на пример, makedonija.mk и македонија.мкд (латиничен и кириличен) е целосно право на избор на регистрантот на доменот.“