Нападот во Лиеж - терористички чин?
29 мај 2018Напаѓачот прво со нож од зад грб нападнал две полицајки, по што на едната ѝ го одзел службеното оружје и со него ги убил двете, а потоа застрелал еден млад човек кој седел на совозачкото седиште во паркиран автомобил. Вооружениот напаѓач по тројното убиство избегал во блиското училиште, каде за заложник зел една жена, соопшти попладнево обвинителството од Лиеж. Полицијата спровела голема акција на евакуација на учениците, засолнувајќи ги на безбедно место. Во престрелка со припадници на Специјалната единица на полицијата напаѓачот бил убиен, а двајца полицајци се ранети.
Белгиското обвинителство претпоставува дека делото има терористички мотиви. Според медиумите, човекот извикувал на арапски „Алах акбар“, „Господ е голем“. Државната радио-телевизија РТБФ известува дека напаѓачот е идентификуван како Бенџамин Херман, 36-годишен ситен криминалец, кој бил на издржување затворска казна. Вчера тој бил на еднодневно отсуство, по што не се вратил во затворот. Истрагата врши проверка дали тој во затворот конвертирал кон ислам и се радикализирал.
Белгискиот премиер Шарл Мишел го оцени нападот како кукавички и чин на слепо насилство.
Белгија последниве години е арена на повеќе напади врз воени и полициски службеници. Последниот, кој се смета за терористички, се случи на 25. август лани, кога 30-годишен маж атакуваше војници во центарот на Брисел со нож. На 22. јануари Белгија по три години го намали степенот на тревога поради терористичка опасност.