Напади врз синагоги во Германија
Обидот за напад во Хале не е првиот. И по 1945 година антисемитизмот во Германија го покажува своето лице – во форма на напади врз индивидуи, споменици или на осум синагоги.
Напад во Хале на Јом Кипур
Околу 80 лица на 9 октомври 2019 година беа во синагогата во Хале кога во неа се обиде да влезе напаѓач. Според податоци на полицијата, притоа биле застрелани двајца минувачи, повеќе лица се повредени. Осомничениот сторител е 27-годишен Германец со десноекстремистичка позадина. Ова не е прво антисемитски мотивирано дело по 1945.
Бран од написи
Во декември 1959 година синагогата во Келн е мета на напади на десноекстремната партија ДРП. Двајца нејзини членови на објектот исцртаа свастики и написот „Германците бараат Евреите да си заминат“. Следуваше бран антисемитски графити низ цела земја. Сторителите се осудени. Под влијание на настаните Бундестагот донесува Закон против хушкање на народите.
Подметнат пожар по многу години
Нападот врз синагогата во Либек во март 1994 година предизвика ужасеност низ цел свет. По многу децении повторно беше запалена синагога. Сторителите се четворица мажи од деснорадикалното милје, сите се подоцна осудени за делото. Следниот ден 4000 граѓани од Либек се на улица да протестираат во знак на солидарност со Евреите. Во 1995 година синагогата повторно е мета на подметнат пожар.
Каменувана старата синагога во Есен
Во октомври 2000 година над 100 Палестинци од Либан, опремени со бекатонки, ја напаѓаат старата синагога во Есен. Инцидентот се случува по демонстрации против „насилството на Блискиот Исток“. Освен еден припадник на полицијата, настанот поминува без повредени лица. Заменикот генерален претставник на Палестинците во Германија, Махмуд Аледин, јасно се дистанцира од нападот.
По делото: „Бунт на пристојните“
Со запаливи материјали и камења во октомври 2000 година еден 19-годишен Палестинец и еден 20-годишен Мароканец ја оштетија Новата синагога во Диселдорф. Нивното дело било чин на одмазда спрема Евреите и Израел. Канцеларот Шредер реагира со зборовите: „Потребен ни е бунт на пристојните (...)". Сојузната држава, покраините и невладините организации инициираат бројни акции против екстремизмот.
Напад врз синагога во Мајнц
Во ноќта помеѓу 30 и 31 октомври 2010 година, кусо по нејзиното отворање, е подметнат пожар во новата синагога во Мајнц. Објектот е познат по својата архитектура, односно деконструктивистичкиот проект на архитектот Мануел Херц. Се наоѓа на местото на поранешната главна синагога во Мајнц, која била запалена во 1938 година.
Напад кој не беше антисемитски мотивиран?
Тројца млади Палестинци во јули 2014 фрлаат запалив коктел во синагогата во Вупертал. Судот оцени дека немало „никаква основа“ да се констатира дека момчињата се антисемитисти. Евреите во Германија, како и странските медиуми, се шокирани. Претседателот на еврејската заедница од Вупертал вели дека пресудата била „покана за извршување други кривични дела".
Спречен напад во Берлин
На 4 октомври годинава еден маж се прекачи преку заштитната ограда кај синагогата во Берлин и извади нож. Безбедносните служби го пресретнаа и го спречија нападот. Неговиот мотив е сѐ уште нејасен. Во 1943 година синагогата во Берлин беше уништена во бомбардирањето. Руините од големата синагога се урнати во 1970 година. Истата е обновена во 1990-те.