1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напад врз бегалски конвој во источна Украина

ЖА/дпа/афп/ртре18 август 2014

Проруските сепаратисти, како што тврди украинската армија, нападнале конвој со бегалци во источна Украина и убиле голем број цивили. Бунтовниците ги демантираат тврдењата.

https://p.dw.com/p/1CwQn
Фотографија: Getty Images

Конвој од автобуси со бегалци денеска (18.08) е погоден од страна на проруските сили во близина на украинскиот град Луганск, соопшти портпарол на украинската војска, Андреј Лушенко. Според него, убиени се повеќе цивили, меѓу кои жени и деца.

„Проруските сили истрелаа ракети ’Град’ врз конвојот со бегалци од Луганск и сега очекуваме информации за бројот на жртвите“, истакна портпаролот.

Конвојот, како што се вели, бил на пат низ хуманитарен коридор преку кој минатите денови избегале околу 1800 лица. Нападот се случил меѓу Криасчувате и Новосвитиливка.

Портпаролка на самопрогласената „Доњецка Народна Република“ изјави дека нема никакви информации за овој случај. Сепаратистите воопшто немаат воени можности за ваков напад, изјави заменик-премиерот на самопрогласената Доњецка Република, Андреј Пургин. Тој, напротив, ја обвини украинската војска за смртта на многу цивили.

„Украинците самите постојано ги бомбардираат патиштата од воздух и со ракети ’Град’. Се чини дека во моментов тие убиваат поголем број цивили отколку во претходните месеци“.

Источноукраинскиот град Луганск со недели е опколен од украинската армија, но забарикадираните сепаратисти пружаат огорчен отпор. Секојдневно градот го напуштаат по неколку стотици жители, десетици илјади веќе се во бегство од завојуваната област. Владата во Киев ја обвинува Русија за поддршка на сепаратистите со оружје. Во претходните денови зачестено стигнуваа информации за руски воени колони кои продираат во Украина преку границата од Русија.