Наново стара омраза кон Ереите?
31 јули 2014Во вторникот вечерта (29.07) во Минхен против антисемитизмот демонстрираа бројни познати личности од политиката, црквата и општеството. На манифестацијата на која учествуваа стотици луѓе, претседателката на Израелската културна заедница во Минхен и Горна Баварија, Шарлоте Кноблох, искажа вџашеност од, како што рече, омразата кон Евреите на улиците и од молкот на населението. Како преживеана од холокаустот, вели таа, сега доживува оживување на антисемитизмот и тоа како тренд. Притоа, блискоисточниот конфликт служи само како параван: „Новата стара омраза кон Евреите е тука“, изјави 82-годишната Кноблох.
Телефоните не замолчуваат, поштенските сандачиња и електронската пошта се полни: „Нас не‘ пцујат, не‘ навредуваат, ни се закануваат и физички не‘ напаѓаат. Ние Евреите, во оваа наша земја го доживуваме најзаканувачкото и најзагрижувачко време по 1945 година“, изјави поранешната претседателка на Централниот совет на Евреите во Германија.
Таа се пожали на недоволна поддршка на Германците кон еврејските сограѓани.
Германскиот сојузен министер за земјоделство Христијан Шмит антиеврејските изјави ги нарече „вирус“ кој ја поткопува заедничката татковина. За претседателката на баварскиот покраински парламент Барбара Штам, „антисемитските пароли се срам за земјата“.
Сочувство кон Палестинците како оружје против Израел
Евангелистичкиот регионален бискуп Брајт Кеслер изјави дека таа конфликтот меѓу Израел и Палестина го чувствува како „отворена рана“. Војната на Блискиот Исток за некои е „добредојден повод, да им дадат слободен излив на своите антиизраелски ставови“. Не смее да се доведува во прашање правото на егзистенција на Израел, сочувството кон Палестинците се користи како оружје против Израел: „Тоа е перверзија на искрената солидарност“, истакна Кеслер.
Истовремено, во вторникот (29.07), тројца луѓе извршија напад со подметнување пожар во синагогата во Вупертал. Тие фрлиле повеќе молотови коктели во влезот на еврејскиот верски објект. Уапсен е еден осомничен. Уште истата вечер повеќе стотици луѓе се собраа пред синагогата. Градоначалникот Петер Јунг повика на солидарност со еврејската заедница. Претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Дитер Грауман, го осуди нападот, исто како и Централниот совет на муслиманите, кој во последните денови од своја страна се жали на зачестени напади врз џамии.
Од почетокот на воените судири меѓу Израел и радикално-исламскиот Хамас во Појасот Газа пред три недели, во Германија, како што анализира Евангелистичката прес-служба, доаѓа „засилено до напади врз еврејски институции и гробишта“. Централниот совет на Евреите во Германија не се изјасни за тоа, но упати на берлинската фондација „Амадеу Антонио“, која од 2001 година документира вакви напади на својата интернет-страница, врз основа на изјавите на засегнатите и на информации во весниците. Нивната „Хроника на антисемитски инциденти 2014“ регистрира 98 вакви дела од јануари досега. Во тоа се вбројува и уринирањето на берлинскиот споменик за убиените Евреи, исто како и една наводно антисемитска карикатура во „Зиддојче цајтунг“, оштетувањето надгробни споменици на еврејски гробишта или антисемитски пароли на јавни објекти.
„Регистрираме зголемување на нападите“, потврди и претседателот на фондацијата „Амадеу Антонио“, Анета Кахане за Дојче веле.
Официјалните бројки не даваат толку лоша слика
Според податоците на сојузното Министерство за внатрешни работи, бројот на антисемитски мотивирани кривични дела во минатата деценија бележи пад. Меѓу 2001 и 2013 година нивниот број е намален од 1.691 за речиси една четвртина - на 1.275. Напротив, во истиот временски период е зголемен бројот на антисемитски мотивирани потешки кривични дела, односно насилни деликти, во што спаѓаат смртни деликти, подметнување пожар, уцена, ограбување и сексуални деликти, вкупно 51 случај во 2013 година.
„Податоци за развојот во последниве недели за жал нема“, изјави портпарол на Министерството на барање на Дојче веле.
Моника Шварц-Фрисел, професорка по лингвистика од Берлин во меѓувреме регистрира „екслозија од вербален антисемитизам на интернет“. Досега, секогаш кога имаше кризи на Блискиот Исток, имаше бранови и поплави на антисемитски изјави на социјалните мрежи и на интернет-страниците, вели таа:
„Но, она што се случува моментно квалитативно и квантитативно го надминува сето што сме го виделе последните години“, вели професорката во разговор за Дојче веле. Често се истакнуваат теории на заговор за наводен диктат на мислењето, според кои Израел не смее да биде јавно критикуван.
„Станува збор за излегување на површина на длабоко незадоволство кон Евреите“, вели берлинската професорка, која тукушто започна научен проект „Антисемитизмот на интернет“.