Македонците со оптимизам ја чекаат 2021 година
23 декември 2020По годината помината со многу рестрикции, стравувања и ограничен социјален живот поради пандемијата со Ковид-19, повеќето жители на Северна Македонија со оптимизам ја очекуваат новата 2021 година. Иако сметаат дека таа ќе биде далеку подобра од оваа, сепак се присутни стравувањата дека ќе има потешкотии на економски план. Со оглед на предизвиците сo кои се соочи светот годинава, глобалната пандемија влијаеше и врз расположението на граѓаните. Па така, Македонците на крајот на оваа 2020 година, која поминува во знакот на смртоносниот Ковид-19, не се чувствуваат ниту среќни ниту несреќни. Сепак, глобално гледано, светот како целина го задржува својот оптимизам за следната година, но песимистичките ставови се доминантни во повеќе земји. Додека луѓето очекуваат претстојната 2021 година да донесе крај на пандемијата, нема илузии дека економските потешкотии ќе исчезнат преку ноќ.
Има ли надеж?
Ова го покажува глобалното истражување на Брима Галуп, во делот којшто се однесува на Северна Македонија. Според анкетата, 50 отсто од граѓаните очекуваат идната година да биде подобра, 26 отсто се песимисти и очекуваат полоша година од оваа, додека статус кво ситуација очекуваат 22 отсто од испитаниците, коишто се уверени дека нема да се случат никакви промени.
На прашањето „Дали сметате дека 2021 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2020 година“, повеќе од двајца од петмина анкетирани на глобално ниво (43%) одговориле дека следните дванаесет месеци ќе бидат подобри од претходните, 24% сметаат дека ќе биде полошо и 26% дека ќе остане исто. Глобалниот индекс на надеж изнесува +19%. Индексот на надеж во Северна Македонија е над светскиот просек и изнесува +24%.
-повеќе на темата: Истражување: Германците се оптимисти и покрај короната
Оваа година, студијата на Галуп интернешнл беше спроведена во повеќе од 40 земји, при што беа анкетирани повеќе од 38.000 граѓани во светот. Северна Македонија беше дел од ова истражување спроведено од страна на истражувачката агенција Брима, членка на Галуп интернешнл.
Година на економски потешкотии
На прашањето: „Во споредба со оваа година, според Вас, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја”? - на глобално ниво речиси половина од анкетирани граѓани очекуваат дека 2021 година ќе биде година со економски потешкотии - 46 отсто, 25 отсто очекуваат дека ќе биде година на економски просперитет и речиси ист процент на граѓани (24%) мислат дека ќе биде иста како и претходната година. Сликата за економскиот просперитет на глобално ниво е под силно влијание на одговорите на граѓаните од ЕУ кај кои изразито доминира песимизмот. Ваквите одговори се должат на фактот дека пандемијата во многу земји на ЕУ не покажува знаци дека е под контрола и 63% сметаат дека следната година ќе биде година на економски потешкотии.
-повеќе на темата: Пандемијата ја урна економијата - Македонија должи над 6,5 милијарди евра
Во Северна Македонија повеќе од половина анкетирани сметаат дека 2021 година ќе биде година на економски потешкотии (52%), наспроти 28% кои сметаат дека ќе биде година на економски просперитет и 18% очекуваат дека ќе биде иста како и претходната.
Среќа - што беше тоа?
„Општо земено, дали вие лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?” - е третото прашање на коешто одговарале испитаниците во анкетата.
„На глобално ниво сепак, и покрај економскиот песимизам, се чини дека среќата успева да блеска, 54% од светската популација се опишува себеси како среќни (многу среќни 13% + среќни 41%) a 14% дека се несреќни (несреќни 10% + многу несреќни 4%). На светско ниво индексот на среќа изнесува +40%. Во РС Македонија во однос на прашањето како лично испитаниците се чувствуваат, добиени се процентуално слични бројки, односно 29% одговориле дека се чувствуваат среќно, 38% ниту среќно ниту несреќно и 32% од испитаниците се чувствуваат несреќно. Индексот на среќа изнесува -3%“, објаснуваат од Брима во истражувањето.
-повеќе на темата: Зошто е хуморот важен во корона-кризата
„Во ваков редок случај, кога имаме вистинско глобално јавно мислење, светот како целина го задржува својот оптимизам за следната година, но песимистичките ставови се доминантни во повеќе земји од вообичаеното. Додека луѓето очекуваат претстојната 2021 година да донесе крај на пандемијата, нема илузии дека економските потешкотии ќе бидат надминати во краток рок. Со сигурност, дискусијата за рамнотежата помеѓу здравствената заштита и просперитетот ќе биде во фокусот на глобалното внимание во следните години”, вели Канчо Стојчев, претседател на ГИА.
Методологија
Истражувањето на крајот на годината (EoY) на Gallup International е годишна традиција иницирана и дизајнирана под претседателство на д-р Џорџ Галуп во 1977 година. Оттогаш се спроведува секоја година. Оваа година таа беше спроведена во 41 земји низ светот. Вкупно 38,709 лица беа интервјуирани на глобално ниво. Во секоја земја - репрезентативен примерок од 500 до 1500 анкетирани. Во поголемиот број земји примерокот е околу 1000 мажи и жени интервјуирани во текот на октомври-декември 2020 година по пат на теренска анкета лице в лице, преку телефон или преку интернет. Маргината на грешка за истражувањето е помеѓу +/- 3-5% на 95% ниво на доверба.
Анкетата во РС Македонија ја спроведе Брима на национално репрезентативен примерок во кој беа опфатени 504 граѓани на возраст 18+ години во периодот од 1 до 9 декември 2020 година. Маргина на грешката изнесува +/- 4.4% на 95% ниво на доверба. Истражувањето беше спроведено со метод на телефонска анкета.