Нагризана доверба
29 ноември 2010Во Берлин владее голема вџашеност поради доверливите извештаи на американското министерство за надворешни работи, кои ги објавува Викиликс, а во кои дипломатите на Форин офис даваат оценки за најмоќните политичари во светот; ниту опозицијата не може вистински да се радува.
Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт, меѓутоа, истакнува дека со објавувањето на тајните документи не се загрозени германските односи со САД:
„Германско-американскиот однос со текот на децениите е толку робустно зацврстен, дораснат, тоа е толку длабоко пријателство кое се потпира на заедничките вредности, што нема да биде оштетено со сегашните објавени документи. За жалење е објавувањето на документите.“
Како реагираат оние кои се директно засегнати? Германскиот министер за развој Дирк Нибел, кој во документите е оценет како „лош избор“, не е толку загрижен:
„Тоа го сметам за релативно незначајно, многу позначаен е дипломатскиот гаф на американската влада, што ја покажува важноста на вистинската заштита на податоците. Не е важно што напишал некој референт во амбасадите.“
Но, не мислат сите вака. Според некои, нагризана е меѓусебната доверба. Претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот парламент, Бундестагот, Рупрехт Поленц, тоа јасно го кажува:
„Предизвиканата штета е прилично голема. Партнерите на САД претпоставуваат дека она што го разговараат со најблискиот сојузник останува во доверба и дека при стратешките одлуки може отворено да се разговара. Сега тоа е доведено во прашање. Задача на Американците е во иднина трајно да го расчистат ова сомневање, во спротивно, од сојузниците веќе нема да слушнат многу“, предупредува Поленц.
Автор: Хајнер Кисел / Жана Ацеска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска