1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Награди на Дојче веле за ширење на слободата

Јан Брук/ Жана Ацеска7 мај 2014

Експерти од цел свет во Берлин ги избраа добитниците на наградата на Дојче веле за најдобар блог. Акцијата The Bobs Дојче веле ја покрена во 2004 година за да ја унапреди слободата на мислење на интернет.

https://p.dw.com/p/1Bv7K
Фотографија: Getty Images/AFP

15 интернет експерти од цел свет од над 3 илјади пријавени блогови избраа шест победници.

Фотоблогерот Моса‘аб Елсхами од Каиро со своите впечатливи фотографии ја освои наградата за најдобар блог. Неговите фото-приказни се посветени на актуелните настани во Каиро, но и на секојдневните приказни од египетската култура. Моментно, на пример, тој ги следи младите алтернативни музичари во Каиро. Во 2013 година американскиот магазин „Тајм“ една од фотографиите на Елсхами од времето на египетската револуција ја сврсти меѓу десетте најдобри фотографии на годината.

„Моса‘аб Елсхами на впечатлив начин ги илустрираше јазовите кои се провлекуваат низ египетското општество. Во заострениот судир, Елсхами привлече внимание со силните, експресивни фотографии“, гласи образложението на жирито за доделувањето на главната награда.

Screenshot Gewinner Bobs-Award facebook.com/ mosaabelshamy
Фејсбук профилот на победникот, ЕлсхамиФотографија: facebook.com/mosaabelshamy

Најдобар социјален активизам

Интернет страницата „Визуализирање на Палестина“ е наградена во категоријата најдобар социјален активизам. Творците на страницата направиле инфо-графика за ситуацијата во палестинските подрачја. Притоа, не се присутни само главните конфликтни теми, како изградбата израелски населби, туку и заштитата на околината, медицинската заштита или образованието.

„Веб-страницата еден многу комплексен и конфликт со емоционален набој го спушта на разбирливо ниво и го визуелизира“, образложи жири комисијата.

Screenshot Gewinner Bobs-Award visualizingpalestine.org
Проектот „Визуелизирање на Палестина“Фотографија: visualizingpalestine.org

Најкреативно и оригинално

Јазички уметник од Кина е одликуван за својот креативен проект. Човекот, кој од безбедносни причини не сака да го објави своето вистинско име, во кинескиот микроблог го користи акаунтот "weicombo". Тој ги коментира дневно-актуелните настани со само еден кинески знак, малку го променува и така на своите постови им дава иронично и сатирично значење.

Членката на жирито и книжевник од Кина, Тиенчи Мартин-Лиао, го фали добитникот на наградата во посебната традиција на игрите со зборови и загатки во Кина.

„Weicombo пронајде многу креативен и мудар начин да ја заобиколи цензурата во Кина. Неговите игри со зборови не се само политички, туку се и духовити, затоа го сакаат читателите“.

Награда на Глобал медиа форумот

Од информација до партиципација, тоа е темата на годинешниот Глобал медиа форум во Бон. Нему му е посветена посебна категорија, во која членовите на жирито решија да го наградат „Кабар Лахари“, провинциски дневен весник кој излегува на шест хинду-дијалекти. Него веќе една година го пишуваат, произведуваат и продаваат група жени, од кои некои многу доцна научиле да читаат и пишуваат. Нивните статии им се обраќаат на жителите на селата на север и исток во Индија. Таму речиси нема пристап до интернет. Жирито истакна:

„Овој весник е светол пример за тоа дека функционирањето на демократијата зависи од пристапот до информации и тоа за сите‘“.

Најдобра иновација

Проектот БанглаБраиле (BanglaBraille) овозможува дигитализација на учебниците и печатење на азбуката на слепите. Освен тоа активистите на страниците објавуваат снимени текстови и школски материјали како аудио-датотеки. Повеќе од еден милион луѓе во Бангладеш се слепи. За над 50 илјади ученици нема прикладни учебници. Проектот воспостави мрежа од волонтери кои транскрибираат книги и собираат доброволни прилози. Жирито заклучи:

„БанглаБриле од темел го подобри животот на многу ученици во Балгладеш и се бори против проблемите кои властите во земјата страшно ги запоставуваат“.

Screenshot Gewinner Bobs-Award yanukovychleaks.org
Посебно признание на „Репортери без граници“ за порталот „ЈануковичЛикс“Фотографија: yanukovychleaks.org

Награда на „Репортери без граници“

Оваа година специјалната награда на организацијата „Репортери без граници“ ја доби украинскиот портал „ЈануковичЛикс“. Група украински активисти прибирала и обработувала документи пронајдени во вилата на екс-украинскиот претседател Јанукович наскоро по неговото бегство. Многу документи при бегството биле фрлени в езеро. „ЈануковичЛикс“ си поставил за задача да проучи голем број документи и да ги категоризира.

„Во денешното кризно време е важно првенствено да се зајакнат критичките новинари. Мораме да ги охрабриме да продолжат по својот пат и покрај опасноста“, образложува Кристијан Мир, раководител на германската секција на „Репортери без граници“ и член на жирито.

Акцијата „The Bobs - најдоброто од онлајн активизмот“ Дојче веле ја покрена во 2004 година, со цел да ја унапреди слободата на мислење на интернет и да ја поттикне отворената размена на интернет без цензура.

И корисниците на интернет можеа во различни категории да гласаат за своите фаворизирани проекти. Кои веб страници и блогови се омилени кај публиката, можете да видите на веб страницата http://thebobs.com/deutsch/category/2014/best-blog-2014/.