1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Награда за визијата на СДСМ, казна за ВМРО-ДПМНЕ

16 октомври 2017

Изборните резултати не беа прогнозирани од ниту една анкета на јавното мислење. Анлитичарите анализираат - дали е ова казна за политиките на ВМРО-ДПМНЕ или награда за визијата на СДСМ за државата.

https://p.dw.com/p/2lsbo
Mazedonien Kommunalwahlen Sieg der Regierungspartei SDSM
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Ниту една анкета досега не ја предвиде големата победа на СДСМ и големиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ. Оние кои беа „најблиску“ до изборниот исход, прогнозираа неизвесни и тесни резултати во поголемите скопски општини и во градот Скопје, со исклучок на сигурна победа на СДСМ во општините Центар и Карпош. Ситацијата е сосема поинаква. Кандидатите на СДСМ победија во педесетина општини, а според последните податоци од ДИК, на обработени 93,72% проценти од гласовите, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, води пред опонентот Коце Трајановски. Досега Шилегов има 50,19% или 130.601 гласови, за Трајановски 93.571 (35,96%). Ова навестува победа на Шилегов уште во првиот круг. 

„Резултатите од локалните избори беа во мала мерка на одредени места надвор од очекувањата“, вели професорот Ненад Новковски.

„Како прво, успехот на кандидатите на СДСМ беше поголем од она што го даваа сондирањата на јавното мислење. Ова не треба да изненадува, со оглед на тоа дека поголемите промени обично не се манифестираат преку резултатите на овие сондажи, поради резервираност на граѓаните при изјаснувањето. Неочекуван резултат беше и видливиот успех на ДУИ, партија којашто кај некогашните поддржувачи претходно наголемо го губеше угледот. Со тоа, ДУИ во голема мерка си ја врати позицијата што долго време ја имаше на политичкaта сцена“, оценува Новковски.

Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

ДУИ со поголем успех од ВМРО-ДПМНЕ

Според податоците од ДИК, ДУИ победува во Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Липково Долнени, Сарај, Желино, Теарце, Боговиње, Врапчиште, а Алијанса за Албанците во Струга. Партијата на Ахмети има освоено повеќе градоначалнички мандати дури и од ВМРО-ДПМНЕ, која победува во 9 општини, од кои две поголеми-Штип и Кавадарци. Во Штип кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев има само 36 гласа повеќе од кандидатот на СДСМ, Благој Бочварски.  Според податоците кои се 100 проценти обработени, за Захариев гласале 13.966, а за Бочварски 13.930. Во Кавдарци, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев освоил 12.077 гласови, а кандидатот на СДСМ, Бетиане Китев, 11.482. Другите општини во кои победува ВМРО-ДПМНЕ се Илинден, Петровец, Сопиште, Зрновци, Пробиштип, Чешиново-Облешево и Новаци.

Во редовите на ВМРО-ДПМНЕ владее голема разочарност. На овие избори паартијата беше поразена во општините кои ги сметаше за нејзини бастини - Гази Баба, Бутел, Ѓорче Петров, Аеродром, Прилеп, Битола... Иако Груевски вчера потенцираше дека „изборите се уште не се завршени“, меѓу членството воопшто не владее таков оптимизам.

Казна и награда

Аналитичарот Џелал Незири причините за изборниот исход го гледа во „минатиот труд“ на десницата. 

„Резултатите од овие избори се неочекувани за јавноста во Македонија, а верувам дека и за самата СДСМ. Граѓаните со ова гласање ја казнуваат ВМРО-ДПМНЕ за нејзините политики во последните години, и притоа праќаат сигнал за неминовни внатрешни реформи. Секако, овој резултат може да се протолкува и како награда за визијата на СДСМ за државата. Во политичкиот блок на етничките Албанци ДУИ забележа раст на поддршката и политичко закрепнување од лошите резултати на последните парламентарни избори“, констатира Незири.

Mazedonien - Wahlkampf: Führer der Oppositionspartei VMRO-DPMNE Nikola Gruevski
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Според него, овие избори ќе бидат одлучувачки и за политичката судбина на лидерите на новите политички партии на етничките Албанци, но и за самите политички субјекти кои на овие избори не постигнаа успех.

За исходот на локалните избори во Македонија и големата победа на СДСМ информираат сите медиуми во регионот. Во насловите најчесто ја цитираат изјавата на Заев - „Заврши ерата на локални шерифи“, како и фактот дека Груевски не си поднел оставка, тврдејќи дека „изборите не се завршени".