На црната листа на САД: Санкции против политичари во БиХ
7 јуни 2022Претседателот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Маринко Чавара и министерот за здравство и социјална заштита на Република Српска, Ален Шераниќ се ставени на американската црна листа поради тоа што, како што се вели од Министерството за финансии на САД, ја загрозувале стабилноста на регионот и работеле на поткопување на Дејтонскиот мировен договор и демократските процеси или институции.
„Маринко Чавара и Ален Шераниќ настојувале да следат етнонационалистички и политички агенди на сметка на демократските институции и граѓаните на Босна и Херцеговина“, изјави Брајан Нелсон, потсекретар на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање.
Чавара е ставен на листата на санкционирани лица поради директно или индиректно учество во активности или политики кои ги поткопуваат демократските процеси или институции во Западен Балкан, се наведува во образложение на Стејт департментот.
На Шераниќ му се изречени санкции затоа што, како што се истакнува, тој ги промовирал сецесионистичките активности на Република Српска, односно затоа што го водел процесот на донесување на законот со кој се предвидува формирање на Агенција за лекови на РС, со што на територијата на тој босански ентитет би престанала надлежноста на Агенцијата за лекови на БиХ.
- повеќе: Црна листа на САД: Некои бараат да се коригира списокот, други да се прошири
„Овој закон, кој сѐ уште не е стапен во сила, предвидува формирање нова агенција само во рамките на Република Српска, со што би се нарушиле овластувањата на државната Агенција за лекови и медицински помагала“, се наведува во образложението. Се додава дека формирањето нова агенција на ниво на ентитети претставува опструкција или закана за спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор.
- повеќе: Москва ја подгрева ситуацијата во Босна и Херцеговина
Шераниќ по информацијата дека е ставен на црната листа на САД изјави дека сѐ што работел во последните четири години како министер, било во интерес на граѓаните на Република Српска. „Како долгогодишен државен службеник многу добро ги познавам Законот за Советот на министри, Уставот на БиХ, Уставот на РС и знам кои се надлежностите на Министерството за здравство и социјална заштита на РС. Како член на тимот на Владата на РС, останувам на тоа свесно и одговорно да ги извршувам сите овие задачи кои ми следуваат како министер“, рече тој.