1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Појасот Газа пред хуманитарна криза

Давид Ел
17 мај 2021

Над 10.000 бегалци се во безизлезна ситуација во Појасот Газа. Судирите продолжуваат а состојбата на цивилното население е сѐ подраматична, снабдувањето е влошено, а пандемијата дополнително ја отежнува ситуацијата.

https://p.dw.com/p/3tUSj
Gaza City | Palistinenser suchen in einer Schule Schutz vor Luftangriffen
Фотографија: Ibraheem Abu Mustafa/REUTERS

Израелското воено воздухопловство кога има намера да бомбардира цивилни објекти понекогаш испраќа предупредување со цел цивилите да имаат време да се засолнат. Но, кога во минатиот петок израелската војска изврши напади врз мрежа тунели на Хамас, тоа не беше возможно, рече армискиот портпарол. Бидејќи како што појасни, станувало збор за „подземен град под градот“ – кој во голем дел се наоѓал под станбени населби.

Исламската терористичка организација Хамас, која од 2007 година политички го контролира Појасот Газа свесно ги испреплетува своите зданија со цивилната инфраструктура веројатно и за да го зголеми ефектот од израелските напади. Поголемиот дел од 2000 ракети кои од понеделникот се истрелани кон Израел се испукани од станбени населби во Газа. Оттука тешко е човек да не се посомнева дека Хамас ги зема предвид страдањата на сопственото население за време на израелската одмазда.

Infografik Karte Gazastreifen DE

10.000 бегалци

Како и во претходните насилни судири меѓу Израел и Палестинците, ситуацијата на цивилното население во Појасот Газа и оваа седмица е влошена. Според податоците на ОН, околу 10.000 лица веќе ги напуштиле своите домови поради страв од израелска копнена офанзива. Но, за разлика од останатите бегалци од други конфликтни подрачја низ светот, тие не можат да излезат од границите на Појасот без одобрение од Израел или јужниот сосед Египет, па така не можат да го напуштат подрачјето од 360 километри квадратни.

Повеќе:Продолжуваат ракетирањата и меѓусебните обвинувања

И 16 училишта кои се во надлежност на Агенцијата за помош на ОН, УНРВА, која е активна на палестинските територии, се преуредени во привремени прифатни центри. Целта е пред се да му се пружи помош на локалното население, изјави Матијас Шмале, директорот на УНРВА одговорен за Газа. „Ќе сториме се што можеме за да им пружиме поддршка на внатрешно раселените лица“, рече Шмале за ДВ.

Настрадани осум деца од едно семејство

Од почетокот на израелските воздушни напади во Појасот Газа се убиени околу 200 лица, а преку 1000 се ранети. Според податоците на палестинските хуманитарни организации во саботата наутро при бомбардирањето на куќи во бегалскиот камп Шати настрадале 10 члена на едно големо семејство, од кои осум биле деца.

„Тие не беа вооружени, ниту испукаа ракети“, вели таткото на четири од настраданите деца. Убиени се во свечена облека за празникот Бајрам“, вели тој.

Повеќе:Конфликт Израел – Газа: САД во посредничка мисија

Според податоците на УНИЦЕФ, од понеделникот досега во Појасот Газа се убиени вкупно 40 деца, и уште две настрадале во Израел.

На повидок хуманитарна криза

Нападите ја отежнуваат работата на хуманитарните организации од кои е зависно поголемиот дел од населението во Газа. Според соопштението од 2019 година на тамошната канцеларија на ОН, која ги координира хуманитарните активности - 75% од 1,6 милиони население во тоа време зависело од хуманитарните залихи од храна, а секој трет стандарден лек не им бил достапен. Дополнително, таму речиси постојано има недостаток на струја и вода за пиење. Со оглед дека граничните премини од израелска страна од 10 мај се целосно затворени, во моментов не се врши ниту испорака на гориво. Дизелот е веќе дефицитарен, иако е неопходен, на пример за возилата за брза помош, но и за работа на агрегатите за производство на електрична енергија.

Снабдувањето со намирници во моментов е доволно, вели за ДВ, Матијас Шмале, директорот на УНРВА во Газа. Но тој стравува дека тоа може да се промени „доколку луѓето ги напуштат своите домови во привремени засолништа или кај роднини.“ Тој предупредува дека наскоро може да се случи и недостаток на вода.

Повеќе:Израелско-палестинскиот конфликт им одговара (речиси) на сите

Освен акутната нега, додава тој, по 14 години блокада, протестите од 2018/19 година и корона-пандемијата, ќе се зголеми и потребата за психолошка помош. „Ова не смееме да го занемариме. Кога илјадници луѓе ќе се најдат во привремени прифатилишта доаѓа до пораст на родово насилство и особено им се врши притисок на децата. Затоа мора да размислиме за ова и да го следиме и менталното здравје на луѓето.“

Вториот бран на пандемијата само што започна да се смирува

Покрај сите овие несреќи, постои и латентна опасност за населението поради корона-пандемијата – мутираната британска варијанта на вирусот предизвика втор голем бран на коронавирусот во Појасот Газа. Таму започна процесот на вакцинација, но за споредба додека 62% од населението во Израел има примено барем по една доза од вакцината, во Газа тоа се 5%.

Според податоците на организацијата Лекари без граници, од почетокот на мај, над 60% од активните случаи на заразени на палестински територии биле во Појасот Газа – кој е помал и има помалку население од Западниот брег. Во меѓувреме таму се регистрирани над 1000 новозаразени дневно и исполнети болнички капацитети.

Новата воена ескалација се случува во момент кога имаше индиции дека може да му се стави крај на вториот пандемиски бран. „Ситуацијата почна да станува совладлива“, вели Матијас Шмале во однос на ситуацијата во болниците. „Од она што го знам, засега може да згрижуваат ранети. Но, ако ова продолжи и се случи и копнена офанзива тогаш болниците многу бргу ќе дојдат до границите на своите капацитети, а тоа би било сериозен хуманитарен проблем“, предупредува Шмале од УНРВА.