На Македонија и’ треба јасна стратегија за името
4 ноември 2008Македонските парламентарци бараат итно донесување на државна стратегија за преговорите околу името. Имаат доволна причина за тоа, бидејќи на седницата на собранието уште еднаш станаа јасни разликите во ставовите меѓу претседателот на државата Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски. Ова беше прва прилика во која двајцата политичари јавно, пред парламентот, ги изложија своите позиции по ова прашање.
Црвенковски го разреши Димитров
Шефот на државата кусо пред дебатата во парламентот ја изненади јавноста и со одлуката да го разреши македонскиот преговарач во спорот околу името, Никола Димитров. Тој цели три години беше застапник на македонските интереси во преговорите под покровителство на ОН, а одлуката за менување вели дека ја дознал од телевизискиот пренос на собраниската седница. Црвенковски изјави: „Со цел да се прекине оваа несериозна ситуација, што грчката страна веќе ја користи како аргумент против Македонија, имено дека таа има два преговарачи и два става, сакам да ве информирам дека донесов одлука да му престане мандатот на амбасадорот Никола Димитров“ - објави шефот на државата.
Одговорноста е сега кај премиерот
Тој сега целосно му ја препушта одговорноста за решавањето на спорот со името на премиерот Никола Груевски и на неговото парламентарно мнозинство. „Македонија мора да има нов план, двојната формула повеќе не ја поддржуваат ни нашите пријатели во НАТО и во ЕУ“ - кажа Црвенковски. Тој се изјасни и против одржување референдум за името и го повика премиерот да ја преземе одговорноста. Тој, пак, како последен говорник во парламетарната дебата, возврати: „Ценам дека парламентот треба да изгради државна стратегија и при тоа да не се фокусира само на идентитетот, туку на сите прашања. При тоа не треба да ги заборавиме проблемите на македонското малцинство во Грција и на Македонците протерани за време на граѓанската војна во Грција“ - изјави Груевски.
Историјата нема никого да ослободи од одговорност
Шефот на македонската влада не ја пропушти шансата да ги критикува неговите претходници, кои цели 14 години ја убедуваа јавноста дека двојната формула може да биде решение за спорот со името, а сега од него бараат таа да биде напуштена. Груевски исто така индиректно го обвини Црвенковски и некои либерални експерти во Македонија дека со нивните изјавите за флексибилност и отворена можност за смена на уставното име, го удвоиле притисокот на странците само врз македонската влада.
Преговорите во застој
Разликите во државниот врв по ова прашање се дефинитивно продлабочени, а преговорите се чини дека за извесен период ќе бидат и замрзнати, зашто медијаторот Нимиц се’ уште не го повикал во Њујорк грчкиот преговарач Василакис, како што тоа неодамна го стори со македонските преговарачи Протуѓер и Димитров.
Барањето државно-партиски консензус по ова стратешко прашање за иднината на Македонија беше мотивот на Тито Петковски да ја поднесе иницијативата за свикување на вчерашната седница на парламентот. „Неопходно е да се заштитат највисоките државни и национални интереси и да се зачува идентитетот на македонскиот народ“ - појасни Петковски.
Дебатата ги изнесе на виделина разликите во партиските ставови
Во дебатата по неговата иницијатива дојдоа уште еднаш до израз и разликите во партиските ставови. Пратеничката на владеачката ВМРО ДМПНЕ, Бонева порача: „Дали нашата држава ќе се наоѓаше во истата позиција доколку на време започнеше целиот овој процес поврзан со градењето национална стратегија за името?“
Нејзината колешка од опозициониот СДСМ, Ивановска, пак, изјави: „Апелираме до македонската и до грчката влада да се вразумат, да не мислат толку многу на сопствените рејтинзи во домашната јавност, да покажат храброст и лидерство!“
Теута Арифи од помалиот коалиционен партнер во владата на Груевски, ДУИ, нагласи: „Како Албанци сакаме да бидеме дел од решавањето на спорот. Станува збор за иднината на нашите деца, за заедничката држава, за европската иднина на Македонија.“
Опозициската ДПА не учествуваше во дебатата, а нејзиниот лидер Мендух Тачи не беше ни присутен во парламентот.