На Косово чукна часот на реалполитиката
7 октомври 2019На парламентарните избори на Косово има два големи губитника: ПДК на претседателот Хашим Тачи и ААК на премиерот Рамуш Харадинај. Двајцата се поранешни команданти на бунтовниците на ОВК кои во 1990-те се бореа против Србија. Од крајот на војната се менуваа на власт, но не најдоа уверливи решенија за големите проблеми на малата балканска држава и не успеаја да направат поголем чекор во нормализацијата на односите со Србија, која и натаму не ја признава независноста на својата поранешна покраина Косово. Разочараните избирачи сега бараат промени: опозициските партии Самоопределување и ЛДК добија по повеќе од 25% од гласовите.
Тесната победа на левичарското движење Самоопределување пред конзервативно-либералната партија ЛДК покажува колку е поделено косовското општество во однос на преговорите со Србија. Додека ЛДК традиционално стои на пацифистичко-дипломатскиот курс на својата, во меѓувреме почината, галионска фигура Ибрахим Ругова, Самоопределување на Албин Курти секогаш беше против компромиси.
Албин Курти - од бунтовник до реалист
Доколку владата во иднина биде составена од коалиција помеѓу Самоопределување и ЛДК, би требало да се очекуваат многу тешки преговори со Белград. Па дури прашање е и дали Белград воопшто ќе седне на маса за преговори со Албин Курти. Курти, една од водечките фигури на студентското движење против српската политика на Косово во 1990-те, во март 2000 година во Србија беше осуден на 15 години затвор поради терористичко здружување. Дури по смената на владата во Белград во 2001 година беше ослободен како резултат на меѓународниот притисок. Со радикални тези - против меѓунардно присуство на Косово, за политика на самоопределување, против секаков компромис во дијалогот со Србија, па дури и за обединување на албанските територии, неговата партија привлекуваше сѐ повеќе разочарани избирачи. Но, партијата постојано беше и во насловите на домашните и странските медиуми со своите понекогаш насилни протести против политиката на владата, против корупцијата и аномалиите на Косово.
44-годишниот Албин Курти важи за непоткуплив политички бунтовник. Истовремено, му успеа во странство да се презентира како интелектуалец, како харизамтичен и искусен политичар. Тоа што „обединувањето на албанските територии“, за што зборуваше во минатото, сега за него веќе не е тема - дури ни во кампањата - зборува за неговиот нов реализам.
Надминување на шпагата
Албин Курти е соочен со Херкулесова задача: не смее да ги разочара своите избирачи, но истовремено - неизбежни се тешки компромиси со водечките политичари од Белград со помош на меѓународно посредство. Токму коалиција со ЛДК би можела да му помогне да ја надмине шпагата. Оваа умерена партија се прилагоди на духот на времето и во трка ја уфрли Вјоса Османи. 38-годишната правничка со својот самоуверен, искрен настап, наиде на многу добар одзив кај избирачите и таа може да игра многу важна улога во дијалогот со Белград. Освен тоа, и ЛДК и Самоопределување отфрлија можност за промена на границите, што веројатно исто така придонесе за изборниот успех на двете опозициски партии.
Двајцата млади политичари, Курти и Османи, имаат потенцијал да се приближат со цел да го подготват косовското општество на неопходните компромиси. Независно од идеологијата, сега на Косово чукна часот на реалполитиката - договор не само со Србија, туку и во рамките на самото Косово, е неопходен за да се обезбеди сигурна и мирна иднина, во насока и на приближување кон ЕУ.