1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На интернет, Ѓорге Иванов е сѐ уште претседател

БГ
13 мај 2019

Стево Пендаровски и формално ја презеде претседателската функција во државата, но сѐ уште нема воспоставено „надлежност“ врз официјалната интернет-страница president.mk.

https://p.dw.com/p/3IP32
Nord-Mazedonien Amtseinführung des neuen Staatspräsidenten Stevo Pendarovski
Фотографија: Cabinet of the President of Republic of North Macedonia

Новиот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски вчера и официјално беше инаугуриран на функцијата, а денеска имаше и прва средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, Самоел Жбогар, но, според интернет страницата на претседателот (president.mk) шеф на државата и натаму е Ѓорге Иванов.

Веднаш по примопредавањето на функцијата во неделата, Пендаровски имаше серија билатерални средби со гостите кои дојдоа на настанот. Во претседателскиот кабинет честитаа претседателите на Бугарија, Албанија и Србија, Румен Радев, Илир Мета и Александар Вучиќ, а се одржаа и други билатерални средби со гости од регионот и Европа.

Screenshot Homepage des Präsidenten der Republik Nord-Mazedonien
Официјалната интернет страница на македонскиот претседател денеска, 13.05.2019Фотографија: Präsident der Republik Nord-Mazedonien

За сето тоа денес нема ниту збор на официјалната интернет-страница на македонскиот претседател. Таму како претседател (на Република Македонија) сѐ уште фигурира Иванов, а во вестите се поместени неговиот говор од посетата на Папата Франциско, и други постари обраќања на бившиот претседател.

Од Кабинетот на новиот претседател ревносно се испраќаат соопштенија за активностите на Пендаровски, но засега нема одговор на нашето прашање: Кога ќе биде воспоставена „надлежност“ и врз интернет-страницата? 

Пендаровски победи во вториот круг на претседателските избори одржан на 5 мај, пред ривалот Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ. Во саботата, Пендаровски од ДИК го прими и уверението за претседател.